НЕМА ДА СЕ ПОМЕСТИМЕ НИ МИЛИМЕТАР – Мицкоски го зацврсти најцврстиот став за уставните измени
Премиерот јасно порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да попушти за уставните измени без конкретни гаранции.

Премиерот Христијан Мицкоски веќе не говори дека уставни измени нема да има само додека тој е на власт, туку испраќа порака дека таквата политика ќе се пренесува и на идните генерации во ВМРО-ДПМНЕ.
Во своето обраќање во Будимпешта на 30 март, Мицкоски не користеше условна форма, туку јасно алудираше на долгорочна стратегија што може да трае со децении.
Денеска, говорејќи во Гази Баба, премиерот го изнесе досега најцврстиот став за уставните измени. Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да направи ниту чекор без конкретни гаранции:
„Ќе чекаме ако не ние, тогаш тие што ќе дојдат по нас. Ако не тие, тогаш следните генерации“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека процесот не може да се одвива без неговата партија:
„Сите треба да знаат дека без ВМРО-ДПМНЕ ова прашање не може да се реши. Нема да влеземе во никаква авантура без јасен крај и без гаранции за правата на македонската заедница кај источниот сосед. Нема да се поместиме ни милиметар.“
Во обраќањето повторно упати остри критики кон политичките противници, користејќи го терминот „мекотелни политичари“, обвинувајќи ги дека го загрозуваат македонскиот идентитет и водат политики на отстапки во процесот на евроинтеграции.
Мицкоски ја обвини опозициската СДСМ дека со своите ставови придонесува за, како што рече, „распродавање на националниот идентитет“, оценувајќи дека нивните политики се спротивни на стратегијата на Владата.
Дополнително, тој посочи дека ваквите позиции се поздравуваат од одредени кругови во Бугарија, кои, според него, имаат интерес од слабеење на македонските позиции.
Претходно, на 29 март, премиерот истакна дека Владата нема да попушти без јасни гаранции за текот и исходот на евроинтегративниот процес, дури и ако тоа значи чекање со години.
