ОД ЧЕСТИТАЊА ДО ОБВИНЕНИЈА – Фетаи ја прекина свеченоста на ЈО

Фетаи јавно ја праша Илиеска, дали изборот на новите јавни обвинители бил правилен?

ОД ЧЕСТИТАЊА ДО ОБВИНЕНИЈА – Фетаи ја прекина свеченоста на ЈО
Фото: Принтскрин

Фатиме Фетаи ја „растури“ прославата на јавните обвинители, порачувајќи дека Денот на правосудството не треба да биде само повод за честитања, туку време за конкретни чекори кон правда и интегритет и теми за кои сите зборуваат, но малку ги спроведуваат.

Таа јавно ја повика членката на Советот за јавни обвинители, Марјана Илиеска, да објасни дали начинот на кој беа избрани новите јавни обвинители за Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бил правилен. Фетаи посочи дека Илиеска претходно јавно изјавила дека таа е најдобар кандидат, за потоа да гласа против неа.

„За нас, кои трпиме неправди, важно е да се каже кои биле слабостите, кои аргументи воделе до изборот или непризнавањето“, рече Фетаи, со видлива нервоза.

Таа сугерираше дека ова не е прв случај и претходно била прогласена за деловно неспособна, поради што сега од сите обвинители се бара потврда за деловна способност.

Илиеска, наместо директен одговор, се повика на новиот Закон за Советот за јавни обвинители, кој според неа, ќе обезбеди прецизни критериуми за избор. Таа додаде дека Советот дал свој максимум во овој случај.

Фетаи, пред да го постави прашањето, го побара микрофонот, но нагласи дека може да биде доволно гласна и без него. Таа му честиташе на новиот јавен обвинител, Ненад Савески, изразувајќи надеж дека ќе ја води институцијата во вистински правец, иако подвлече дека промените не зависат од еден човек. По нејзиното прашање, дискусијата беше прекината, а Савески им подели благодарници на сите претходни јавни обвинители кои за првпат беа поканети да присуствуваат во „убавата зграда на ЈО и наш симбол“.

На почетокот на настанот имаше стандардни говори за независноста, транспарентноста, правдата и интегритетот, со благодарност до меѓународните донатори, особено до евроамбасадорот Михалис Рокас, кој седеше во првиот ред.

CATEGORIES
TAGS
Share This