ОДЛУКИ НА ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ – Сите овластувања на обвинителите се повлекуваат

Техничка или политичка одлука, Новиот обвинител вели само техничка.

ОДЛУКИ НА ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ – Сите овластувања на обвинителите се повлекуваат
Фото: Принтскрин

Новиот државен јавен обвинител, Ненад Севески, денес на брифинг со новинарите најави дека ќе ги повлече сите овластувања на обвинителите кои постапуваат по предмети што не се од нивните матични обвинителства.

Ова значи дека обвинителката Ленче Ристоска ќе ги изгуби овластувањата за случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ предмети кои се однесуваат на финансирање на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако Севески не ги поврза директно одлуките со конкретни случаи, тој не негираше дека овие предмети ќе бидат прераспределени. Според него, станува збор за техничка, а не политичка одлука:

„Немам одлука за иземање на Ристоска од предметите. Ќе ги повлечам сите овластувања за сите предмети, освен оние за Кочани, Ресен и Крива Паланка,“ најави Севески.

Предметот „Талир 2“, кој е под скопското обвинителство, сепак не смее да биде застапуван од Ристоска без одлука на државниот обвинител. Овој случај застарува во август, а се уште нема првостепена пресуда. Денешното рочиште беше одложено бидејќи не можеше да се утврди адресата на сведокот Кирил Божиновски.

Пред три години, државата беше на чекор да го префрли партискиот имот на свое име по првостепена осудителна пресуда за екс-премиерот Никола Груевски и условна казна за Божиновски. Конфискацијата на имотот никогаш не се спроведе поради измените на Кривичниот законик и поради тоа што пресудата на Апелација ја поништи првостепената одлука. Судскиот процес започна одново, при што делото застаре за Божиновски, но продолжи за Груевски и партијата.

Севески потенцира дека сите обвинители ќе бидат третирани еднакво и дека континуитетот на постапките мора да биде институционален, а не персонален:

„Јавниот обвинител е менлива категорија. Предметот мора да има континуитет независно од тоа дали обвинителот е реизбран или не.“

Во врска со случаите поврзани со трагедијата во Кочани, кои ги водеше обвинителката Ивана Трајчева, Севески нагласи дека не смее да се создава впечаток дека само еден обвинител може да обезбеди квалитетно постапување:

„Ивана е извонреден обвинител. Мојата почит кон нејзината работа е позната. Но обвинителството не смее да зависи од едно лице.“

Во делот за Советот на јавни обвинители, кој ја отфрли иницијативата на Ристоска за заштита на нејзиниот интегритет, Севески објасни дека се работи за законски механизам, а не за политички притисоци:

„Интегритетот обвинителот си го штити самиот, со своето постапување. Но законот предвидува механизам и тоа е легитимно право.“

CATEGORIES
Share This