22 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВО ИГРА – Американците се уште не одлучиле кој ќе купи странскиот бизнис на Лукоил
Рокот за продажба на странските средства на Лукоил е продолжен до 1 мај.

Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии објави дека го продолжува рокот за заинтересираните купувачи на странските средства на Лукоил за уште еден месец, односно до 1 мај.
Ова е четврто продолжување на рокот откако американското Министерство за финансии воведе санкции против компанијата во октомври минатата година поради војната на Русија во Украина.
Со најновата одлука се овозможуваат одредени трансакции поврзани со преговори и потпишување на условни договори за продажба на австриската Lukoil International, која управува со повеќе од 100 странски подружници во околу 50 земји. Исто така, се дозволени активности поврзани со одржување или постепено затворање на овие бизниси.
Во јануари, Лукоил соопшти дека постигнал договор за продажба на поголемиот дел од своите странски средства, проценети на околу 22 милијарди долари, на американската инвестициона компанија Carlyle Group. Според медиумски извештаи, интерес за овие средства покажале и Exxon Mobil, Chevron и International Holding Company.
Во Југоисточна Европа, Лукоил поседува значајни енергетски капацитети, меѓу кои единствената рафинерија во Бугарија, Нефтохим Бургас, рафинеријата ПетроТел во Романија, како и мрежи на бензински станици во повеќе земји, вклучително и Северна Македонија.
По воведувањето на санкциите, Бугарија го презеде управувањето со локалните подружници на Лукоил и назначи специјален администратор овластен да ја продаде рафинеријата Нефтохим Бургас и малопродажниот бизнис на компанијата. Во меѓувреме, акционерот Litasco најави можност за арбитражна постапка против Бугарија.
Во Романија, владата разгледува можност за повторно активирање на рафинеријата ПетроТел, која е затворена од октомври минатата година поради нарушувања предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток.
Во декември, американското Министерство за финансии им дозволи на бензинските станици на Лукоил надвор од Русија да продолжат со работа до 29 април.
