ШАНСА ЗА МАКЕДОНИЈА – Вечерва се игра за чест и слава

По поразот од Данска, Седлоски најавува ротирање на составот и нови фудбалски херои.

ШАНСА ЗА МАКЕДОНИЈА – Вечерва се игра за чест и слава
Фото: Принтскрин

Вечерва на „Авива“ стадионот во Даблин, Македонија ќе се соочи со Република Ирска во натпревар меѓу поразените селекции од полуфиналните баражи за Светското првенство.

Македонската репрезентација во четвртокот доживеа тежок пораз во Данска со 0:4, додека Ирска испадна по пенал-рулетот во Прага, откако испушти предност од два гола.

Ова ќе биде седми дуел меѓу двете репрезентации. Во претходните шест натпревари, Ирците забележале четири победи, Македонија една, а еден меч завршил без победник.

„Против Ирска ќе мораме да покажеме карактер, дисциплина и цврстина. Ги следевме нивните последни настапи и против Чешка беа физички доминантни и агресивни во воздушните дуели, а против Унгарија покажаа и технички квалитет. Очекуваме сериозен предизвик“, изјави селекторот Гоце Седлоски.

Тој додаде дека планира да ротиpa неколку нови фудбалери и верува дека тие ќе ја оправдаат довербата.

„Репрезентацијата е отворена за сите, секој сам одлучува дали ќе го носи овој дрес. Се игра за Македонија, а не за поединци“, истакна Седлоски.

Натпреварот во Даблин стартува во 20:45 часот.

CATEGORIES
Share This