КОЈ СЕ ПЛАШИ ОД ПРАШАЊА – Новинарите удрија по соопштението на Обвинителството

Етика или цензура, јавноста поделена по последните изјави.

КОЈ СЕ ПЛАШИ ОД ПРАШАЊА – Новинарите удрија по соопштението на Обвинителството
Фото: Национал

Јавното обвинителство ја поздрави реакцијата на новинарските организации, нагласувајќи дека целосно стои зад почитувањето на слободата на изразување и правото на објективно информирање, загарантирани со Уставот и Европската конвенција за човекови права.

Од таму посочуваат дека нивната улога е заштита на човековите права и создавање услови за нивно непречено остварување, вклучително и правото на јавноста да биде информирана.

Реакцијата доаѓа по забелешките од ЗНМ и ССНМ на претходното соопштение на Обвинителството, во кое се апелираше на внимателност и одговорност при јавното информирање. Новинарските организации оценија дека ваквиот повик, без конкретно посочување на пропусти, може да се протолкува како обид за ограничување на критичката дебата за прашања од јавен интерес.

Прашањата во јавноста се отворија по неизборот на обвинителката во предметот „Пулс“, што предизвика дилеми дали тоа ќе влијае врз текот на постапката. Наместо конкретни забелешки, Обвинителството предупреди дека шпекулации и неточни информации може да предизвикаат вознемиреност кај семејствата на жртвите и пошироката јавност.

Од новинарските организации потенцираат дека професионалното известување е обврска на медиумите, но дека тие не можат да гарантираат за секоја објава или уредувачка одлука. Во случаи на сомнеж за неетичко известување, потсетуваат дека постојат механизми за реакција преку релевантните тела за медиумска етика.

Двете страни веќе оствариле директна комуникација со цел да се надминат недоразбирањата и да се зачува балансот меѓу слободата на информирање и одговорното известување.

CATEGORIES
Share This