ЗЕЛЕНСКИ ПОСТАВИ ЦРВЕНИ ЛИНИИ ЗА МЕСТОТО НА ПРЕГОВОРИ – Русија разузнавачки го помага Техеран

Зеленски може да преговара насекаде освен во Русија и Белорусија и обвинува за разузнавачка соработка меѓу Русија и Иран.

ЗЕЛЕНСКИ ПОСТАВИ ЦРВЕНИ ЛИНИИ ЗА МЕСТОТО НА ПРЕГОВОРИ – Русија разузнавачки го помага Техеран
Фото: Принтскрин

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека неговата земја нема да биде пречка за продолжување на мировните преговори, но нагласи дека тие не можат да се одржат во Русија или Белорусија.

Во интервју за NBC News за време на посетата на Катар, Зеленски порача дека Украина е подготвена да учествува во разговори „насекаде во светот“, освен во двете земји кои ги смета за сојузници и противници во конфликтот.

Тој откри дека американската страна предложила трилатерални преговори да се одржат во Соединетите Американски Држави, но според него, руската страна не била подготвена да ја прифати таа опција.

Зеленски оцени и дека новите тензии на Блискиот Исток дополнително ги отежнуваат дипломатските напори за ставање крај на војната. Според неговите информации, посредничкиот тим од САД, во кој се вклучени Стив Виткоф и Џаред Кушнер, во моментот не може да организира разговори на неутрална локација надвор од САД.

На прашањето дали верува дека Доналд Трамп се грижи за иднината на Украина, Зеленски одговори дека се надева, но додаде дека актуелната политика на САД е првенствено насочена кон сопствените интереси.

Во меѓувреме, украинскиот претседател ја обвини Москва дека му помага на Иран со разузнавачки информации. Во објава на платформата X, тој наведе дека руски сателити фотографирале американски воени објекти на Блискиот Исток, вклучително и бази во регионот на Персискиот Залив.

Според него, биле направени снимки од базата „Принц Султан“, како и од заеднички американско-британски објекти во Индискиот Океан и енергетска инфраструктура во повеќе земји, меѓу кои и Турција и Катар.

Од друга страна, Кремљ ги отфрли овие обвинувања, негирајќи дека споделувал разузнавачки податоци со Техеран.

CATEGORIES
Share This