БОРБАТА СО СИВАТА ЕКОНОМИЈА ПОЧНУВА – Дали вашиот бизнис е на листата

Некои бизниси може да се соочат со парични глоби или дури запечатување на објектот.

БОРБАТА СО СИВАТА ЕКОНОМИЈА ПОЧНУВА – Дали вашиот бизнис е на листата
Фото: Национал

Како дел од континуираните активности за сузбивање на неформалната економија и унапредување на фискалната дисциплина, Управата за јавни приходи (УЈП) започнува засилени контроли насочени кон субјекти кои вршат дејност и остваруваат промет без регистриран фискален систем.

Според службената евиденција на УЈП во дејности како трговија на големо и мало, подготовка и служење на храна, правни и сметководствени услуги, како и туристички агенции и туроператори, 6.451 субјект е деловно активен и има вработени, а нема регистриран фискален систем. Од нив, 3.115 субјекти се регистрирани за ДДВ, што укажува на редовна деловна активност.

Првата фаза на контроли ќе биде насочена кон овие активни субјекти со цел итно усогласување со законските обврски за евидентирање на готовинските плаќања.

Дополнително, УЈП идентификува 13.966 даночни обврзници во истите дејности без регистрирани фискални уреди. За нив ќе се спроведат теренски проверки, вкрстување на податоци и други контролни механизми.

Ако се утврди дека субјектите вршат дејност, но не пријавуваат промет и не плаќаат даноци, покрај прекршочни, ќе бидат покренати и кривични постапки.

Законска обврска е секој даночен обврзник кој врши промет на добра или услуги со готовинско плаќање е должен да воведе и користи одобрен фискален систем на опрема, да го регистрира системот во УЈП пред започнување со промет и да издава фискална сметка за секоја продажба на добра или услуги.

Непостапувањето според Законот за регистрирање на готовинските плаќања претставува прекршок за што се предвидени парични глоби и запечатување на објекти.

УЈП апелира до даночните обврзници кои вршат готовински промет, а немаат фискален систем, треба да преземат итни мерки за доброволна усогласеност и да набават, инсталираат и регистрираат фискален апарат преку овластен оператор според постапката на УЈП.

УЈП нагласува дека контролните активности имаат за цел зголемување на довербата во даночната администрација, создавање ред во економијата и заштита на легалниот бизнис

Борбата против сивата економија останува еден од приоритетите на Управата.

CATEGORIES
TAGS
Share This