БУРЕН ДЕН ВО ВАТИКАН Еве што се случуваше на маргините на погребот на папата Фрањо
Ватиканскиот протокол строго ги уредува правилата за облекување на државниците и гостите кои присуствуваат на погребот на папата.

Денеска на маргините на погребот на Папата Франциск се случуваа интересни настани во Ватикан.
Најпрвин, Доналд Трамп, веднаш по пристигнувањето во Рим, објави дека Украина и Русија се блиску до историски договор.
„Тукушто слетав во Рим. Добар ден за разговори и средби со Русија и Украина. Тие се многу блиску до договор, а двете страни сега треба да се сретнат, на многу високо ниво, за да ја завршат работата. Поголемиот дел од главните точки се договорени. Запрете го крвопролевањето, СЕГА. Ќе бидеме секаде каде што е потребно за да помогнеме да се стави крај на оваа сурова и бесмислена војна“ – напиша Трамп.
Потоа, украинската и американската страна објавија дека Зеленски и Трамп имаа 15-минутна средба во базиликата Свети Петар, пред погребот на папата Франциск. Се сретнале, седнати на две столчиња во базиликата Свети Петар, без советници околу нив. Во објавата стои дека разговорот еден на еден бил историски и „многу продуктивен“ во насока на сигурен и траен мир што ќе спречи избувнување на нова војна.

Исто така, Зеленски и Трамп, во базиликата Свети Петар во Ватикан имаа средба и со францускиот претседател и британскиот премиер, Емануел Макрон и Кир Стармер. Во објавата се вели дека средбата била „позитивна“ размена на мислења за Украина, на маргините на последното испраќање на папата Франциск.

Во меѓувреме, многу се зборува околу прекршувањето на кодексот на облекување во ваква прилика.
Доаѓањето на Володимир Зеленски до последен момент не беше сигурно. Но, пристигна на плоштадот Свети Петар во Ватикан само неколку минути пред почетокот на церемонијата на погребот на папата Франциско. Неговото присуство предизвика внимание, но уште поголема реакција предизвика неговиот избор на облека и дека го прекршил кодексот на облекување, бидејќи и овој пат не облече одело. Доналд Трам се нашол на мета на остри критики поради кршењето на строгите правила на облекување во текот на погребот на папата Франциск, поради тоа што се појавил во син костим со сина вратоврска. Џо Бајден носеше црно одело со бела кошула, но многумина веднаш забележаа дека избрал погрешна вратоврска, носејќи модел во сина боја.


Сопругите на Трамп и Бајден, Меланија и Џил, исто така беа на мета на критики за прекршување на кодексот на облекување. Изборот на Меланија на обувки предизвика одредени коментари. Имено, таа носеше екстремно високи црни чевли со тенка потпетица, што според непишаните правила на протоколот за вакви пригоди се смета за несоодветно. Џил Бајден пак, исто така ги прекрши правилата, која додаде масивна златна нараквица на нејзиниот црн фустан и превезот.
Ватиканскиот протокол строго ги уредува правилата за облекување на државниците и гостите кои присуствуваат на погребот на папата. Мажите се очекува да носат темен костум – најчесто црн, со бела кошула и темна вратоврска. Иако се дозволени и други темни нијанси, како темно сива или темно сина, светските лидери традиционално се придржуваат кон класичниот црн избор.
Според протоколот, сите детали во облеката мора да бидат усогласени: чевлите, чорапите, капутите и чадорите треба да бидат црни. На левата јака е дозволено дискретно црно копче како симбол на жалост, додека единствени дозволени украси се официјалните папски одликувања. Личните модни додатоци – како прстени, нараквици и часовници – треба да бидат скромни и речиси незабележливи.
Жените, пак, мора да носат црн фустан или костум чија должина е под коленото. Протоколот препорачува црни затворени чевли, проѕирни црни хулахопки, црни ракавици и мала црна чанта. Иако не е задолжително, дозволено е жените да носат и црн превез на главата. Единствениот накит кој протоколот го дозволува е едноставно бисерно ланче, кое треба да ја задржи скромноста соодветна за пригодата.



