НЕМА ПОВЕЌЕ ЧЕКАЊЕ НА СУДСКИТЕ ШАЛТЕРИ ЗА ПОТВРДИ ЗА НЕОСУДУВАНОСТ Од денес потврдите достапни преку интернет
Од денес, граѓаните и правните лица ќе можат онлајн да поднесуваат барања и да добиваат Уверение од кривична евиденција за физички лица и Уверение од кривична евиденција за правни лица

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска на прес-конференција објави нова фаза во дигитализацијата на судските услуги, со претставување на две нови електронски услуги достапни на Националниот портал за електронски услуги – uslugi.gov.mk.
Од денес, граѓаните и правните лица ќе можат онлајн да поднесуваат барања и да добиваат Уверение од кривична евиденција за физички лица и Уверение од кривична евиденција за правни лица. Како што истакна Андоновски, станува збор за две од најбараните услуги од основните судови, чие дигитализирање е клучен чекор кон олеснување на административните постапки за граѓаните и бизнисите.
„Денеска го заокружуваме еден значаен процес во дигитализацијата на судските услуги. Со оваа иницијатива им овозможуваме на граѓаните и на компаниите побрз и поедноставен пристап до документите што им се неопходни за вработување, аплицирање на јавни повици, образовни постапки и други административни процедури“, изјави Андоновски.
Министерот потсети дека, во рамки на истиот пакет за неосудуваност, веќе се дигитализирани и Потврдата од казнена евиденција и Потврдата за изречена забрана на вршење професија, дејност или должност.
Целта на дигитализацијата, како што нагласи Андоновски, е да се скрати времето што граѓаните го трошат на шалтерите и да им се овозможи повеќе време за семејството и економските активности.
„Наша визија е едноставна, но ефикасна: да им овозможиме на граѓаните да завршат административни обврски брзо и лесно, без долгочасовно чекање пред судските шалтери“, истакна тој.
Со оваа иницијатива, Министерството за дигитална трансформација продолжува со реализација на стратешката цел за создавање ефикасна и транспарентна јавна администрација преку дигитализација на услугите.


