ДРАМАТИЧНИ 10 МИНУТИ – Што рекоа селекторите по натпреварот

Навивачите остануваат верни, и покрај убедливиот пораз.

ДРАМАТИЧНИ 10 МИНУТИ – Што рекоа селекторите по натпреварот
Фото: Принтскрин

Македонската фудбалска бајка за жал заврши во Копенхаген. Нашата репрезентација загуби убедливо од Данска со 4:0 во полуфиналето на мундијалскиот бараж, додека домаќините обезбедија пласман во финалето, каде ќе се сретнат со Чешка.

Селекторот на Данска, Брајан Ример, не го криеше задоволството од изведбата на својот тим, иако првото полувреме не донесе голови.

„Двете полувремиња беа слични, разликата е што головите ги постигнавме по паузата. Направивме многу добри работи во првиот дел, бевме трпеливи и имавме одлични втрчувања. Во соблекувалната им реков да го задржат темпото. Знаевме дека физички ќе ги истрошиме, и тоа се случи“, изјави Ример.

Тој посебно ја пофали дефанзивата, која мораше да настапи во ново, целосно променето издание поради повреди. „Нашата одбрана не ѝ дозволи на Македонија да создаде ниту една сериозна шанса. Норгорд одигра беспрекорно, иако неговата природна позиција е во средниот ред“, додаде Ример, нагласувајќи ја и офанзивната улога на Дамсгард и Исаксен.

И покрај убедливата победа, Ример предупреди дека работата не е завршена. Во вторник Данска ќе патува во Прага за финалниот дуел со Чешка, директна битка за место на Светското првенство.

„Ова беше само првото полувреме. Не славам со кренати раце, бидејќи сè уште не сме освоиле ништо. Сега нè чека Чешка и тим со огромна физичка сила. Имаме пет дена за детална подготовка“, заклучи Ример.

Тренерот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, по поразот истакна дека тимот ќе ги анализира грешките и ќе се фокусира на идните квалификации.

„Честитки за противникот. Она што најмногу го стравувавме се оствари и примивме голови од странични позиции. Не смее да се губи концентрација, такви грешки не смееме да повториме“, рече Седлоски, додавајќи дека тимот има уште еден натпревар пред себе и ќе работи на стратегијата и фокусот.

Тој им се заблагодари и на навивачите за нивната посветена поддршка.

CATEGORIES
Share This