МЕЏИТИ: ПРВИН МЕНЕ МИ БЕШЕ ПОНУДЕНО ДА СЕ ВРАТАМ ВО ДУИ – Од ДУИ му вратија дека не им требаат мафиози од подземјето

Изет Меџити откри дека му била понудена можност да ја напушти коалицијата ВЛЕН и да се врати во редовите на Демократската унија за интеграција

МЕЏИТИ: ПРВИН МЕНЕ МИ БЕШЕ ПОНУДЕНО ДА СЕ ВРАТАМ ВО ДУИ – Од ДУИ му вратија дека не им требаат мафиози од подземјето

Изет Меџити откри дека му била понудена можност да ја напушти коалицијата ВЛЕН и да се врати во редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ). Како што изјави, посредници му предложиле да се приклучи на реформите во ДУИ, со ветување дека партијата ќе се прочисти и дека Али Ахмети ќе се повлече од активната политика.

„Имаше обиди за поделба на ВЛЕН. Ја добив првата понуда од посредници кои ми рекоа дека, со заминувањето на Артан Груби, партијата ќе се исчисти уште повеќе, Ахмети ќе се пензионира, а ние ќе ја преземеме и реформираме ДУИ. Но, не ја прифатив понудата бидејќи решив да бидам дел од промената преку ВЛЕН“ – истакна Меџити.

Тој додаде дека Арбен Таравари прифатил „некaква понуда“ и упати апел до него да ја објави содржината на договорот.

„Не треба да се крие која е понудата и договорот. Треба искрено да излезе и да ја каже вистината пред јавноста“ – порача Меџити.

Од друга страна пак, на обвинувањата од Меџити, остро реагираше ДУИ. Порталот на албански јазик „Алмакос“ ја пренесе реакцијата на партијата, во која се наведува дека ДУИ не е засолниште за „агенти на подземјето, сервилни луѓе и неблагодарници“.

Во својата реакција, од ДУИ потсетуваат дека партијата е создадена од крвта на борците на УЧК и изградена врз принципите на жртвување, посветеност и достоинствено застапување на албанските интереси во Северна Македонија.

„Овие вредности не можат да бидат оцрнети од поранешни функционери кои повеќе од 20 години имаа корист од името и авторитетот на Али Ахмети“, се вели во соопштението.

Од партијата дополнуваат дека Изет Меџити не ја напуштил ДУИ поради принципи, туку поради лични интереси, откако, како што велат, не ја поминал внатрешната проверка за корупција и идеолошки отстапувања.

„Неговата изјава дека му било понудено враќање во ДУИ со ветување дека ќе ја преземе партијата по повлекувањето на Али Ахмети е ниска лага и доказ за ароганцијата на човек кој мисли дека партијата е предмет за пазарење“ – велат од ДУИ.

Од партијата порачуваат дека ДУИ никогаш нема да стане „рај за кланови, непотизам, корупција и слуги на противалбански проекти“.

CATEGORIES
Share This