19 ГОДИНИ УНИВЕРЗИТЕТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ – Еден спектакуларен викенд полн со култура и наука

Ансамблот „Македонија“ вечерва ќе ги изведе најпознатите ора и песни од различни етнички предели.

19 ГОДИНИ УНИВЕРЗИТЕТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ – Еден спектакуларен викенд полн со култура и наука
Фото: Принтскрин

Со целовечерен концерт на ансамблот „Македонија“ вечерва официјално започнува серијата настани по повод одбележувањето на 19 години од постоењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип. Концертот ќе се одржи во Мултимедијалниот центар на Економскиот факултет, со почеток во 19 часот, а публиката ќе ужива во богата програма која вклучува традиционални ора и вокални изведби од различни етнички предели. Меѓу нив се „Седнал Марко“ (Средорек, Жеглигово и Славиште), „Вено Пиле“ и „Излегол Селман“ (Жеглигово), „Каршијак“ (Скопска Блатија), „Јанино“ и „Малешевска“ (оркестарски изведби), „Чангулово“ (Малешево) и „Шетнала се Јана“ (Пијанец).

Следува Ораторска вечер на 26 март, исто така во Мултимедијалниот центар, додека на 27 март ќе се одржи Свечена академија.

„Патрониот празник на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип е значаен за одбележување на вредностите врз кои се темели нашата академска заедница и момент за заедничко чествување на улогата на Универзитетот во унапредувањето на високото образование, науката и општествениот развој. Вашето присуство на овој свечен настан ќе ни претставува особена чест“, се наведува во поканата од проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот.

На 30 март, во Свечената сала на Ректоратот, ќе се одржи промоција на новите доктори на науки.

Во најавата се истакнува дека овие настани го обединуваат академскиот и културниот живот на Универзитетот, со учество на професори, студенти и гости од земјата и странство.

CATEGORIES
Share This