ЗАШТИТА НА ФРЕСКИТЕ И СПОМЕНИЦИТЕ – Прилепскиот музеј доби нови инвестиции
Два главни проекти за културното наследство ќе се реализираат годинава - Македониумот во Крушево и црквата на Трескавец.

Прилепскиот завод и музеј годинава ќе се фокусира на два големи проекти за заштита на културното наследство: Македониумот во Крушево и црквата „Успение на Пресвета Богородица“ на Трескавец. Овие проекти се финансирани од Министерството за култура и туризам.
До лето треба да се реши проблемот со прокапувањето на Македониумот. Почетокот на работите беше одложен бидејќи првите два тендера пропаднаа. Министерството за култура обезбеди 5,5 милиони денари за изведување на превентивни заштити, а дополнително 4,5 милиони денари се наменети за основен проект за целосна реконструкција и конзервација. Македониумот, кој е споменик на културата од прв степен, е прогласен за културно добро во опасност.
Директорката на Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, објасни дека превентивните заштити ќе вклучуваат затворање на сите отвори во стаклата и витражите и поставување на надворешна конструкција за заштита од навлегување на вода. Во меѓувреме се работи на основниот проект за комплетна конзервација и реставрација на споменикот.
Истовремено, ќе започне и заштитата на црквата на Трескавец, која е исто така културно добро во опасност. Главните интервенции ќе се однесуваат на конструктивна консолидaција и заштита на фреските од влага, која е најголема закана за нивното уништување. За ова се обезбедени 4 милиона денари, а се чека и конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство. Христоска додава дека во последната фаза ќе учествуваат и византолози од Грција за конзервацијата на фрескосликарството.
Годинава, Прилепскиот завод и музеј ќе реализира 16 проекти за заштита на културното наследство и 15 проекти од музејската дејност. Министерството за култура и туризам одобрило и седум инвестициони проекти.


