СКАНДАЛ ВО ФЗОМ – 514 боледувања на 80 полицајци под лупа
Еден полициски работник менувал 4 матични лекари за да продолжи со боледувања.

Во втората половина на 2025 година, 80 здравствено осигурани лица, припадници на полицијата, искористиле вкупно 514 боледувања. Најголем дел од нив траеле до седум дена, 171 до 15 дена, а 83 боледувања траеле повеќе од 30 дена.
Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, информира дека кај 29 од овие 80 лица, односно околу 37%, биле утврдени неправилности. Тие 29 лица користеле 236 боледувања, од кои 100 се оценети како неуредно издадени, додека 136 биле уредни. На тој начин, неправилности биле утврдени кај околу 19,5% од вкупните 514 боледувања.
Клековски појасни дека дел од боледувањата се оправдани, но дел се злоупотребуваат. Пример за злоупотреба е кога еден работник зема седум дена боледување, се враќа на работа еден ден, а потоа под друга дијагноза отвора ново боледување. Исто така, забележани се случаи кога работници менуваат матичен лекар за да продолжат со злоупотреби и во најдраматичниот случај, еден човек сменил четири матични лекари за една и пол година.
Клековски истакна дека непостоењето интегриран систем за следење на боледувања го отежнува увидот и превенцијата на вакви појави. Фондот не може да врши контроли без барање од работодавачот, што во овој случај го направиле МВР, Царина и АРМ. Контроли биле спроведени и таму, но во помал обем.
За изградба на систем за следење на боледувањата, се работи преку проект финансиран од Европската унија, кој го надградува постоечкиот систем. Сепак, не е точно познато кога овој систем ќе профункционира, бидејќи проектот трае две години. ЕУ делегацијата веќе го избрала конзорциумот кој ќе го спроведува проектот.
Клековски закажа и средба меѓу ФЗОМ, синдикатите и работодавачите за надминување на овие состојби, кои претставуваат финансиски товар за буџетот, бидејќи дел од работниците имаат право на 80, 90 или 100% исплата на плата додека се на боледување. Некои боледувања се користат за втора работа, но такви случаи не се забележани кај полицајците.
Најчесто користени дијагнози се болести на респираторниот систем, болести на мускулно-скелетниот и сврзниот систем и болести на дигестивниот систем.
За неправилности откриени во приватните и јавните здравствени установи, изречени се глоби во вкупна висина од 1,2 милиони денари.
Од 105 приватни здравствени организации (98 општа медицина, 4 гинекологија и акушерство, 3 стоматологија), неправилности биле утврдени кај 29 (27 општа медицина и 2 гинекологија). Во јавните здравствени установи, неправилности биле забележани кај три специјалисти и две комисии во два града.
Според сознанијата, во две клиники околу 20% од персоналот е на боледување, но ФЗОМ не може да врши контроли без барање од работодавачот.


