МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЛИЦАТА СО ДАУНОВ СИНДРОМ – Основното училиште „Иднина“ како пример за инклузија
Секоја насмевка и напредок на децата со посебни потреби е доказ за нивниот потенцијал, порача Сали

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром, првиот заменик-премиер на Владата на Република Македонија, Беким Сали, го посети Основното училиште со Ресурсен центар „Иднина“, познато по својата професионална поддршка и посветеност кон децата со посебни потреби.
За време на посетата, Сали истакна дека ова искуство не е само институционално, туку длабоко човечко. Тој ја пофали позитивната атмосфера во училиштето и посветеноста на персоналот, нагласувајќи ја важноста на градење инклузивно општество во кое секое дете има еднакви можности за развој.
„Секоја насмевка, прегратка и чекор кон напредокот е доказ за потенцијалот што го имаат овие деца. Тие не заслужуваат сожалување, туку можност и разбирање“, рече Сали.
Тој посочи дека институциите имаат обврска да обезбедат квалитетно образование, достоинство и почитување за сите деца, без дискриминација. Додаде дека посветеноста на политики кои ги поддржуваат семејствата и децата со посебни потреби ќе остане приоритет.
Во заклучок, Сали повика на постојан општествен и институционален ангажман, нагласувајќи дека инклузијата и еднаквоста треба да бидат дел од секојдневниот живот, а не само симболични обележувања.


