ГЕНЕРАЛКА ЗА БАРАЖОТ – Ракометарите на Македонија на мегдан со Австрија
Лазаров ќе тестира нови комбинации во изменет состав без неколку стандардни репрезентативци

Машката ракометна репрезентација на Македонија попладнево ќе одигра контролен натпревар во рамки на ЕХФ неделата, каде што избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе се соочат со селекцијата на Австрија.
За овој собир, националниот тим настапува во изменет состав. Поради заслужен одмор ќе отсуствуваат искусните Никола Митревски и Жарко Пешевски, додека Мартин Серафимов и Игор Ѓоргиев се надвор од конкуренција поради рехабилитација од повреди.
Овој натпревар има за цел дополнително воигрување на тимот пред претстојните бараж натпревари за пласман на Светското првенство 2027, кое ќе се одржи во Германија. Македонија ќе го дознае својот противник по исходот од дуелот меѓу Украина и Словачка, откако првиот натпревар заврши со победа на Словачка од 27:24. Реваншот е закажан за утре.
Бараж натпреварите се планирани за 13/14 мај (први средби) и 16/17 мај 2026 година (реванши).
Покрај тоа, вниманието е насочено и кон квалификациите за Европското првенство 2028, со ждрепката која ќе се одржи на 26 март во Лисабон од 19:00 часот. Македонија ќе настапи од вториот шешир, што отвора можност за интересни и конкурентни дуели во борбата за пласман меѓу најдобрите 24 селекции во Европа.
Контролниот натпревар против Австрија ќе се одигра во Брегенц со почеток од 18:00 часот.


