ОД МАЛТА ДО АЛЈАСКА – Русите двапати прелажани од американците
Меѓународната практика познава посебен вид на меѓународни договори позната како „џентлменски спогодби“ кои се усни, и нивна основна карактеристика е дека се тајни, но не се задолжителни и се темелат на доверба меѓу страните.

Фото: Национал
Професорот и лидер на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук сподели анализа во која се осврнува на, како што наведува, прелаженоста на Русија од страна на САД преку т.н. џентлменски договори.
Во продолжение ја пренесуваме неговата објава во целост:
„Меѓународната практика познава посебен вид на меѓународни договори позната како „џентлменски спогодби“ кои се усни, и нивна основна карактеристика е дека се тајни, но не се задолжителни и се темелат на доверба меѓу страните. Во последните повеќе од три децении, вакви договори биле постигнати двапати и двата пати, на штета на Москва.
Првата џентлменска спогодба е склучена меѓу Михаил Горбачов и Џорџ Буш постариот на 3 декември 1989 година, на бродот „Максим Горки“ кај Малта. Средбата симболично го означи крајот на Студената војна и отвори надеж за нов светски поредок. Јавно на пресот беа изнесени само општи формулации за „траен мир“ и „безбедна иднина“ во согласност со природата на овие спогодби (тајни и усни).
Подоцна низ годините, рускиот претседател Владимир Путин потврди дека суштината на договореното била поинаква: Советскиот Сојуз да се повлече од Источна Европа, а НАТО да не се проширува кон исток. Денес, повеќе од три децении подоцна, НАТО не само што се прошири, туку практично ја опкружи Русија што во Москва се толкува дека се прелажени со прекршувањето на духот на тогашната спогодба (договорните страни имаат записници и се разбира дека Путин го има во руските архиви).
Втората џентлменска спогодба се врзува за средбата меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп од 25 август 2025 година во американската воздухопловна база Енкориџ на Алјаска. И тогаш, јавноста на пресот слушна само дипломатски формулации за „напредок“ и „договорени принципи“. Овие разговори на големо се толкуваат како спогодба за ново глобално прекројување на влијанијата, налик на конференцијата на Јалта. Дури и бомбастично се зборува за преуредување на светот од униполарен во мулитполарен во кој Русија си го враќа местото на поранешниот СССР како една од двете водечки светски сили. И многу е веројатно дека е договорен овој тек на настани.
Меѓутоа, во реалноста не гледаме нов мултиполарен свет, бидејќи, САД останува една доминантна сила која го владее светот а на Русија и е оставено да се занимава со Украина. Дури, Русија оттогаш трпи стратешки порази (Венецуела, Никарагва, Ерменија/Азербејџан и Нагорно Карабах и најново со Иран. Поврзано со ова, САД ги контролира сите шест клучни точки (Малакискиот мореуз, Бенгалскиот залив, Суецкиот канал, Панамскиот канал, Атлантскиот премин и најново Ормутскиот теснец).
Според тоа, моја проценка е дека Русија повторно е прелажена и за САД не важи новата џентлменската спогодба од Енкориџ која останува без реална тежина.
Заклучокот што се наметнува е во стилот на народната мудрост/изрека: ако те излажат еднаш – не си виновен; ако те излажат вторпат – веќе носиш дел од вината; но ако се повтори и третпат, тогаш проблемот не е само кај оној што лаже. Прашањето е дали историјата се повторува или некои лекции сè уште не се научени“ – напиша Бачев на фејсбук.
CATEGORIES Македонија
TAGS Топ вест


