ПРОБЛЕМАТИЧНО ПРЕД УТРЕШНОТО ФИНАЛЕ ВО КОПА ДЕЛ РЕЈ Реал бара смена на судијата, Барселона со големи кадровски проблеми

Натпреварот ќе биде одигран утре (сабота) со почеток од 22 часот во Севилја.

ПРОБЛЕМАТИЧНО ПРЕД УТРЕШНОТО ФИНАЛЕ ВО КОПА ДЕЛ РЕЈ Реал бара смена на судијата, Барселона со големи кадровски проблеми

Финалето на Копа дел Реј кое се игра утре доби неочекувана пресвртница откако Реал Мадрид официјално побара промена на главниот судија на натпреварот, Рикардо де Бургос Бенгоечеа. Причина за ваквиот чекор, според клубот, е наводната емотивна нестабилност на арбитерот, кој на денешната прес-конференција се расплакал поради големиот притисок на кој е изложен.

Барањето на мадридскиот клуб пристигнува нешто повеќе од 24 часа пред првиот свиреж на големото финале, во кое нивен противник ќе биде вечниот ривал, Барселона. Реакцијата на „кралскиот клуб“ предизвика бура во јавноста, особено поради моментот и причините за поднесување на ова необично барање.

Според информациите, Де Бургос Бенгоечеа веќе неколку дена е мета на жестоки критики и притисоци, главно од страна на навивачите на Реал Мадрид. Тој добивал навреди и закани, иако, според аналитичарите, нема објективни причини за сомнеж во неговата непристрасност. Дополнителен притисок доаѓа и од клубската телевизија на Реал, која изминатите денови објавуваше прилози и анализи со остри критики кон судијата – практика што стана честа оваа сезона.

Емисии како „Ел Чирингито“ дополнително го разгореа случајот, тврдејќи дека мадридскиот клуб не се сомнева само во главниот судија, туку и во целокупната судиска постава назначена за финалето, оценувајќи ја како компромитирана и пристрасна.

Останува да се види дали Шпанската фудбалска федерација ќе го прифати барањето на Реал Мадрид, или ќе застане во одбрана на Де Бургос Бенгоечеа и неговиот интегритет како арбитар. Во меѓувреме, вниманието на јавноста е вперено кон разврската на овој случај, кој фрли сенка врз еден од најочекуваните натпревари во шпанскиот фудбалски календар.

Од друга страна, тренерот на Барселона, Ханси Флик, ќе се соочи со сериозни кадровски проблеми пред финалето на Купот на Шпанија против најголемиот ривал – Реал Мадрид. Каталонскиот гигант нема да може да смета на клучниот напаѓач Роберт Левандовски и талентираниот бек Алехандро Балде, кои се надвор од конкуренција поради повреди.

Од клубот потврдија дека од составот ќе отсуствуваат и младите играчи Марк Бернал и Марк Касадо, исто така поради повреди. Сепак, добра вест за Барселона е враќањето на голманот и капитен, Марк-Андре тер Штеген, кој успешно се рехабилитираше од повредата на десното колено и ќе биде подготвен за настап.

Финалниот дуел со Реал Мадрид ветува големи возбудувања, а Флик ќе мора да најде решенија без дел од стандардните првотимци.

Натпреварот ќе биде одигран утре (сабота) со почеток од 22 часот во Севилја.

CATEGORIES
Share This