ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ – Актери од повеќе генерации ќе ги оживеат македонските хитови

Шоуто ќе се одржи на 24 и 25 март во Македонскиот народен театар со почеток во 20 часот.

ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ – Актери од повеќе генерации ќе ги оживеат македонските хитови
Фото: Принтскрин

Музичко-сценското шоу „Глумците пеат“, кое се одржува по повод Светскиот ден на театарот, годинава ќе се изведе на 24 и 25 март на сцената на Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот.

Темата на годинашното издание е македонската музика од различни периоди и познати песни кои публиката ќе ги слушне во нови актерски интерпретации. Настапите ќе вклучуваат соло изведби, но и дуети и групни точки, кои додаваат нова динамика и сценска енергија.

На сцената ќе настапат актери од повеќе генерации како нови имиња кои за првпат учествуваат, така и добро познати имиња кои веќе ја воодушевувале публиката.

Режијата е на Дејан Пројковски, а актерите ќе ги придружува оркестар под диригентската палка на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.

„Глумците пеат не е ниту претстава, ниту концерт, туку комбинација на театар и музика што им овозможува на актерите барем една вечер да бидат различни од она што вообичаено го играат. Нашите уметници со голема посветеност ги подготвуваат своите точки и едвај чекаат да ги споделат со публиката“, велат организаторите.

Манифестацијата со години се смета за едно од најпосетуваните сценски случувања во овој период. Проектот продолжува како наследство на актерот Марин Бабиќ, кој го создаде шоуто во 1990-тите, а подоцна беше обновено од неговите ќерки, Маја и Ира Бабиќ.

CATEGORIES
Share This