ДАЛИ ПРЕТСТОИ ВРАЌАЊЕ КОН СДСМ – Пратеник од Движењето ЗНАМ можеби го менува правецот на движење
Цеков посочува дека политичкиот идентитет на движењето треба да се гради од позиција на опозиција, како што било предвидено при формирање.

Пратеникот на движењето ЗНАМ, Миле Цеков, во телевизиско гостување изјави дека по две години учество во владејачката коалиција, улогата на ЗНАМ како коректив на власта станува сè помалку препознатлива.
„Кога беше формирано движењето ЗНАМ, нашата иницијална цел беше да бидеме третата опција и парадигма на корекција на власта. Јас отсекогаш нагласував дека како нов политички субјект, движењето треба својот идентитет да го гради од позиција на опозиција“, рече Цеков.
Тој додаде дека мнозинството во органите и телата на движењето одлучило ЗНАМ да учествува во власта, што била легитимна и демократски донесена одлука.
„Јас ја почитував таа одлука, но по две години учество во власта, сметам дека перцепцијата на движењето како коректор на власта не е доволно јасно препознаена“, нагласи Цеков.
Пратеникот истакна дека довербата од народот се гради преку дела и дека партијата мора да ги застапува ставовите ветувани во изборната кампања.
„Затоа, генерално, можам да кажам дека останувам доследен на принципите и вредностите кои ги ветив во кампањата“, додаде тој.


