ОБУЧЕНИОТ КАДАР НЕМА ДА СЕ ГУБИ – Решенија за војниците над 45 години

Во тек е иницијатива за законски измени што ќе овозможат поголема сигурност

ОБУЧЕНИОТ КАДАР НЕМА ДА СЕ ГУБИ – Решенија за војниците над 45 години
Фото: Принтскрин

Министерството за одбрана подготвува ново решение за статусот на војниците кои по наполнети 45 години мора да ја напуштат службата, најави министерот Владо Мисајловски во телевизиско гостување.

Според него, веќе е иницирана постапка со која се анализираат можностите дел од овие војници да продолжат со работа, наместо автоматски да го напуштат ресорот.

„Станува збор за релативно млади луѓе кои по заминувањето често се соочуваат со потреба од ново вработување. Затоа работиме на модел што ќе им овозможи поголема сигурност“, изјави Мисајловски.

Тој потсети дека постојниот закон предвидува исплата на отпремнина, која во зависност од стажот може да достигне и до неколку милиони денари.

„Има случаи каде што отпремнините достигнуваат и околу два милиони денари. За разлика од минатото, сега овие средства редовно се исплаќаат“, нагласи министерот.

Паралелно, се разгледува можност дел од војниците да бидат преземени во други државни институции, со оглед на тоа што станува збор за обучен и искусен кадар.

Дополнително, се анализира и опција со која одреден број војници би можеле да останат во рамките на Армија на Северна Македонија сè до исполнување на условите за пензионирање.

Иницијативата се развива во координација со раководството на Армијата и со синдикалните организации, со цел да се изнајде решение прифатливо за сите засегнати страни.

CATEGORIES
Share This