РФМ СО ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ, ФОРМИРА У13 и У15 СЕЛЕКЦИИ И НАЗНАЧИ СЕЛЕКТОРИ – Лазаров останува селектор и во наредните три години
Матлиески и Миркуловски назначени за селектори на младинските репрезентации

Денеска во просториите на Ракометна федерација на Македонија се одржа редовна седница на Управниот одбор, на која беа разгледани девет точки од дневниот ред.
Како новитет, федерацијата формира машки репрезентации до 13 и до 15 години. Селектор на селекцијата до 15 години ќе биде Никола Матлиески, додека пак селекцијата до 13 години ќе ја предводи Филип Миркуловски.
РФМ информираше дека инвестира во нови канцеларии во рамки на спортскиот центар СЦ Јане Сандански. Старите простории ќе бидат пренаменети во апартмани за потребите на националните селекции. Планирано е преселбата да се реализира до јуни, со долгорочна цел за подобрување на условите.
Управниот одбор ги утврди и термините за завршниот турнир во Купот на Македонија во машка конкуренција, кој ќе се одржи во Струмица од 17 до 19 април. На Ф4 турнирот ќе настапат РК Вардар, ГРК Охрид, РК Пелистер и РК Алкалоид. Истите термини важат и за женската конкуренција.
На седницата се разгледуваше и извештајот за настапот на македонската репрезентација на последното Европско првенство, каде беше освоено 14. место. Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, изрази задоволство од постигнатиот резултат, истакнувајќи дека пласманот донел поволна ждрепка за баражот за Светското првенство 2027.
Селекторот Кирил Лазаров посочи дека тимот извлекол максимум од настапот, иако останува жал за пропуштената шанса против Португалија за влез во Топ 12. Тој нагласи дека пласман во Топ 10 во моментов не е реална цел, повикувајќи на објективност и континуирана работа.
Воедно, официјално беше потврден новиот договор на Лазаров, кој ќе продолжи да ја предводи машката сениорска репрезентација и во наредните три години.


