ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА БИЛА СОРАБОТНИК НА КРИМИНАЛНАТА БАНДА Давала податоци во случајот „Адитив“
Димитровска, која не е достапна за коментар веќе два дена, се сомничи дека преку службениот телефон користејќи „Viber“ и „WhatsApp“, наводно споделувала доверливи информации со поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Според обвинителството, се работи за податоци поврзани со истраги, предмети и имотни проверки во случајот „Адитив“

Две пријави поврзани со работата на државната енергетска компанија АД ЕСМ биле отфрлени од страна на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), токму во периодот кога нејзината претседателка Татјана Димитровска, според Обвинителството, оддавала службени тајни.
Димитровска, која не е достапна за коментар веќе два дена, се сомничи дека преку службениот телефон користејќи „Viber“ и „WhatsApp“, наводно споделувала доверливи информации со поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Според обвинителството, се работи за податоци поврзани со истраги, предмети и имотни проверки во случајот „Адитив“.
Првата пријава, која се однесувала на сомнителна набавка на адитиви за намалување на згура при согорување јаглен, била одбиена во јуни 2024 година. Предметот го таргетирал Данчо Стојановски, поранешен член на Управниот одбор на АД ЕСМ, кој е во роднинска врска со Маја Јорданова, сопственичката на фирмата „Браинкоде“. Обајцата сега се обвинети во „Адитив“.
Антикорупциска ја отфрлила пријавата со образложение дека Стојановски не ја извршувал функцијата во периодот кога се распишал тендерот, бидејќи неговиот мандат завршил во 2022 година, а јавната набавка се реализирала во 2023.
Само 11 дена подоцна, до ДКСК пристигнала втора пријава, овој пат повикувајќи се на сторија на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), која откри дека Јорданова, поранешна службеничка во пошта, добила договор од ЕСМ преку фирмата „Браинкоде“. Сепак, и оваа постапка завршила без понатамошна истрага. Во декември 2024 година, ДКСК утврдила дека нема простор за нивно дејствување, бидејќи Основните јавни обвинителства во Битола и Кичево веќе постапувале по истиот случај.
Интересно е што и во времето на претходниот состав на Комисијата, била отфрлена пријава поврзана со конфликт на интереси во ЕСМ. Станувало збор за случај со фирма поврзана со сопругата на тогашниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ. Иако неговата семејна компанија „Хем-алијанс“, во сопственост на неговиот татко, а со сопругата како директор, добила тендер вреден 630.000 евра во 2022 година, ДКСК оценила дека пријавата нема доволно конкретни наводи за незаконити дејствија.
Инаку, заменик-претседателката на ДКСК, Билјана Каракашова Шулев, привремено ќе ја врши функцијата претседател на Комисијата, откако судот ѝ забрани на Татјана Димитровска да ја извршува функцијата. Одлуката следи по нејзиното инкриминирање во предметот „Адитив“, каде што се најде меѓу осомничените.
Од Антикорупциска комисија за медиумите велат дека работата продолжува непречено, а во однос на случајот со Димитровска ќе се постапува според принципот на презумпција на невиност.
„Додека не биде познат крајниот исход на постапката, ДКСК не може да заземе став по истото. Комисијата, во рамки на своите законски надлежности, продолжува да функционира редовно“ – велат од ДКСК.
Истрагата открила дека комуникацијата на Димитровска била утврдена преку вештачење на телефоните на другите обвинети во случајот. Со одлука на судот, таа веќе нема пристап до предмети, пошта и други документи во рамки на работата на ДКСК, а ѝ е забрането и да гласа или да распределува предмети. Дополнително, ѝ се одземени и личниот и дипломатскиот пасош.
Комисијата останува под будно око на јавноста, додека се очекува развојот на овој сериозен случај кој го става на тест кредибилитетот на институцијата задолжена за борба против корупцијата.


