ХОТЕЛИТЕ ВО БУДВА БАРААТ СТРАНСКА РАБОТНА СИЛА – Потребни 5.000 работници
Хотелите во Будва бараат странски сезонски работници поради опаѓачки интерес од домашните кадри.

Туристичката индустрија во Будва ова лето ќе се соочи со недостиг од најмалку 5.000 сезонски работници, велат угостителите. Интересот на домашните работници од Црна Гора опаѓа, па хотелите сè повеќе вработуваат странци.
Хотелската група „Будванска ривиера“, најголема во државата и претежно во државна сопственост, објави огласи за околу 600 сезонски позиции. Потребни се работници на различни позиции, од баристи, келнери и готвачи, до домари, хигиеничари, возачи и работници на плажа и базен. На сите им е обезбедено сместување и три оброци.
Компанијата соработува и со средни училишта и стручни колеџи, очекувајќи дел од сезонските работници да бидат ученици и студенти во јули и август. Претходната година првпат беа вработени и граѓани на Индија, а ова лето ќе има 49 индиски работници за поддршка при отворање на хотелските објекти.
Проблемот со обезбедување сезонска работна сила се повторува секоја година, бидејќи мнозинството млади Црногорци се насочуваат кон други туристички дестинации, особено Хрватска.


