ДОНАЛД ТРАМП – Не ми е гајле ако Иран го бојкотира Светското првенство
Изјавата на Доналд Трамп доаѓа во време на зголемени тензии по американско-израелските напади врз Иран и неизвесноста околу настапот на иранската репрезентација.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека воопшто не е загрижен доколку Иран одлучи да го бојкотира настапот на Светското фудбалско првенство, кое летово ќе се одржи во Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада.
Иранската фудбалска репрезентација беше меѓу првите селекции што обезбедија пласман на мундијалот, но по координираните американско-израелски напади врз земјата, се отвори дилемата дали Иран воопшто ќе настапи на турнирот. Дополнителна неизвесност создава и прашањето дали американската влада ќе им дозволи влез во земјата на иранските претставници.
„Навистина не ми е гајле дали Иран ќе учествува. Сметам дека Иран е тешко поразена земја. Тие функционираат на издувни гасови“, изјави Трамп во интервју за Политико.
Според распоредот, Иран треба да одигра три натпревари од групната фаза: на 15 јуни против Нов Зеланд во Лос Анџелес, на 21 јуни против Белгија на истиот стадион, а на 26 јуни против Египет во Сиетл.


