ЈАКИМОВСКИ ОСУДЕН НА 3,5 ГОДИНИ ЗАТВОР: Тој пак очекуваше да биде ослободен и да части денеска
По пресудата Јакимовски изјави дека целта е да го тргнат него од политичката сцена, па тврди дека е целосно чист.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стивчо Јакимовски, денеска беше прогласен за виновен од Основниот кривичен суд во Скопје и осуден на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци. Со него е осуден и поранешен општински службеник, кој доби условна казна затвор од две години.
Судот утврди дека Јакимовски без соодветно одобрение изградил административен објект на улица Радика бр. 9 (Барака 1 и 2), при што му беше изречена казна затвор од една година за делото бесправно градење. И покрај тоа што законот предвидува затворска казна од три до осум години, судот ја намали казната, земајќи ја предвид намената на објектот и досегашната судска пракса.
Дополнително, Јакимовски беше осуден и за злоупотреба на службената положба и овластување, за што доби казна од три години затвор. Судијата му изрече единствена казна во траење од три години и шест месеци, при што во казната ќе се пресмета и времето кое го поминал во куќен притвор.
Судијата во образложението нагласи дека постапката се одолговлекувала повеќе од шест години без разумно оправдување. Откако беше променет судечкиот совет, процесот започна одново, но со согласност на странките беа прочитани веќе изведените докази, што овозможи предметот да се заврши во прв степен за помалку од една година.
Дел од обвинението, поврзано со злоупотреба на службена положба, беше отфрлено поради застареност, согласно измените во Кривичниот законик.
Судот нареди и конфискација на бесправно изградениот објект во корист на државата.
Вториот обвинет, поранешен вработен во општината, исто така беше прогласен за виновен за злоупотреба на службената положба, но доби условна осуда која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Според обвинителниот акт, Јакимовски, како градоначалник, поднел барање за легализација на објектот дури по истекот на законскиот рок во 2011 година. Исто така, обвинителството тврдеше дека тој ја злоупотребувал функцијата и при легализација на други објекти и при продажба на државно земјиште по цени пониски од пазарните, при што на буџетот на Општина Карпош му била нанесена штета од 14,6 милиони денари, а на државниот буџет над 31 милион денари – вкупно околу 750.000 евра.
Пресудата не е правосилна, а Јакимовски има право на жалба до Апелациониот суд. Тој уште од почетокот на процесот тврди дека не е виновен.
По пресудата Јакимовски изјави дека целта е да го тргнат него од политичката сцена, па тврди дека е целосно чист.
„Се прашувам кога мене ова како јавна личност, ми се случува ова, што ли се случува со кутрите луѓе низ судските лаверинти. Осуден сум зошто сум ја направил баракава и онаа другата, а во проектот стои изградба на монтажно-демонтажна барака, тие се времени објекти, а за времен објект имаме одлука на совет, а за времен објект не може да се гони кривично. Обвинителството се послужи со фалсификат кој го докажавме со вештачење. Обвинителката се држи како давеник на сламка дека тие во 1987 година се поставени како времени објекти, а оттогаш до 2013 година? Што се случувало? Го изгубиле статусот на времените објекти, не им се продолжиле дозволите ни на објектите ни на земјиштето под закуп. Овие објекти стануваат бесправни. Сите се видоизменувани, доградувани со многу квадрати. Ние не сме сами во оваа постапка, учествуваше и геометар. Сите овие објекти се означени како дивоизградени, а обвинителот тврди дека се времени објекти, а никаде нема во историјатот на Катастарот“, рече Јакимовски.
Јакимовски уште додаде:
„Хајката се води долго време, да нѐ тргнат нас кои имаме квалитетни школи, а за дојдат со купените дипломи. Тешка е борбата, се бориш против држава, против најсилниот дел, Обвинителството. Ќе поднесеме жалба до Апелација, аргументите се 1000% на наша страна. А мислев денеска ќе се почастиме со колегите.. Тоа е едно здружение направено, за да нѐ тргнат ние што се разбираме, што имаме резултати, а пред локалните избори. И општина и држава да ни водат овие со купени дипломи, а оваа Влада не се срами“, рече Јакимовски.
Тој вели дека едни му поднеле пријава, а други му донеле пресуда, додека тој се бори за државата и почитување на законите и очекувал ослободителна пресуда.
„Сто отсто аргументите се на твоја страна, не знам што се докажуваме шест и пол години. Навистина ме измачија, не знам што одиме по судови, на Божја правдина имаме пресуда од 3,6 години“, рече Јакимовски.


