Во престижното кино Cinema Galeries во Брисел вечерва ќе се одржи премиерната проекција пред европската публика на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, во режија на Георги М. Унковски.
На настанот ќе присуствува и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со што уште еднаш се потврдува институционалната поддршка за афирмација на македонската кинематографија на меѓународната сцена.
Филмот е реализиран како меѓународна копродукција со поддршка од Агенција за филм на Македонија, Српскиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Чешкиот аудиовизуелен фонд и Еуроимаж. Оваа широка европска соработка ја потенцира важноста на партнерствата во создавањето конкурентни и квалитетни филмски остварувања.
По проекцијата ќе се одржи панел-дискусија посветена на улогата на меѓународните копродукции во јакнењето на европската соработка во филмската индустрија. Настанот е во организација на Европската асоцијација на директори на филмски агенции, во соработка со Министерството за култура и туризам и Агенцијата за филм на Македонија.