ТРАГЕДИЈА ВО ИРАН – Загинаа 20 млади одбојкарки во напад
Меѓународната одбојкарска федерација изрази длабока загриженост и сочувство до семејствата на загинатите.

Во заеднички напад на САД и Израел врз Иран, според медиумски извештаи, загинаа повеќе цивили, меѓу кои и 20 млади одбојкарки.
Веста првично ја објави телевизискиот канал Ал Мајадин, повикувајќи се на локални извори, а подоцна информацијата ја пренесоа и други медиуми. Нападот се случил во покраината Фарс, каде што, според истите извори, во моментот на ударот во спортската сала имало и деца.
Првичните извештаи говореа за повеќе од 15 загинати, но подоцна бројот на жртвите бил зголемен.
По трагичниот настан реагираше и Меѓународната одбојкарска федерација (FIVB), изразувајќи длабока загриженост поради страдањето на младите спортистки.
Во соопштението, FIVB наведува дека е „шокирана и крајно загрижена од извештаите дека неколку млади одбојкарки во Иран ги загубиле животите поради влошувањето на безбедносната состојба на Блискиот Исток и поширокиот регион“.
„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до сите погодени од оваа криза во развој“, се додава во реакцијата.
Од федерацијата информираат и дека десетици илјади членови на одбојкарската заедница во регионот се раселени и се соочуваат со неизвесна иднина.
FIVB формирала посебна работна група за координација на хуманитарна помош во реално време и за обезбедување на сигурноста на одбојкарите, тренерите, стручниот персонал и волонтерите во погодените подрачја, во соработка со владини институции, невладини организации и други релевантни тела.
Светската куќа на одбојката на крајот апелира на соработка, дијалог и солидарност, повикувајќи ја меѓународната заедница да придонесе за деескалација и изнаоѓање мирно решение.


