НАД 400 МАКЕДОНЦИ БАРААТ ЕВАКУАЦИЈА ОД БЛИСКИОТ ИСТОК – МНР апелира за почитување на упатствата на локалните безбедносни служби
Повеќе од 400 граѓани побарале информации за евакуација, а 30 изразиле подготвеност веднаш да ја напуштат кризата зона.

Повеќе од 400 македонски државјани побарале информации за евакуација од Блискиот Исток поради влошената безбедносна состојба и ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, информираа од Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија.
Од Министерството посочуваат дека се подготвува план за безбедно извлекување на граѓаните од Иран, додека за лицата што престојуваат во Обединетите Арапски Емирати и Катар засега нема услови за организирана евакуација поради нестабилната ситуација.
Според официјалните податоци од дипломатско-конзуларните претставништва, повеќе од 400 лица се интересирале за можностите за заминување, а околу 30 граѓани изразиле подготвеност веднаш да ја напуштат земјата штом се создадат услови.
Надлежните уверуваат дека со сите пријавени лица се одржува постојана комуникација и се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција, во зависност од развојот на состојбата на терен. Паралелно, дипломатско-конзуларните претставништва ги координираат активностите со пријателски земји и меѓународни партнери за можна организирана евакуација.
Министерството останува достапно преку дежурниот телефон и амбасадите во регионот, со апел граѓаните строго да ги следат препораките на локалните безбедносни служби.
Во меѓувреме, конфликтот предизвика сериозни нарушувања во глобалниот воздушен сообраќај. Стотици летови се откажани, а илјадници патници се соочуваат со доцнења и откажувања. Главните аеродроми во регионот, меѓу кои и Дубаи – еден од најпрометните меѓународни центри во светот – остануваат затворени трет ден по ред, што претставува најголем удар за воздухопловната индустрија по пандемијата со ковид-19. Меѓународните авиокомпании продолжуваат со суспензија на летовите низ Блискиот Исток, додека неизвесноста околу времетраењето на воените операции дополнително ја усложнува ситуацијата.


