МИНИСТЕРОТ ДУРМИШИ – Зголемување на минималната плата, потрошувачката кошничка ќе ги покажува реалните трошоци
Седницата на ЕСС е закажана за денеска, а точната сума за зголемување на минималната плата ќе биде објавена.

Просечната потрошувачка кошничка, која Владата веќе ја изготви, но сè уште го чека ставот на работодавачите и синдикатите, ќе биде една од точките на дневниот ред на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), најави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за МИА.
Како што посочи министерот, на седницата на ЕСС ќе биде објавена и точната сума за зголемување на минималната плата.
„Просечната потрошувачка кошничка веќе беше ставена на дневен ред на ЕСС, но одговори – предлози, забелешки и сугестии од другите две страни, работодавачите и синдикатите, сè уште немаме. На оваа седница, што ќе се одржи на 2 март, повторно ќе ја ставам на дневен ред за дискусија. Кога ќе ја финализираме, ќе биде објавена потрошувачка кошничка базирана на реални податоци од релевантните институции. Нема да користиме податоци од некој професор или лица што не се релевантни“ – рече Дурмиши.
Потрошувачката кошничка ќе покажува колку пари треба да има едно четиричлено семејство за да помине еден месец.
До денеска, според најавите на Министерството за економија, треба да биде готова есенската потрошувачка кошничка со 100 производи, изготвена од работна група со членови од министерството.
Министерот потсети дека Владата досега повеќепати зборувала за синдикалната кошничка и ги изнела своите забелешки.
„На пример, тие ги објавуваат податоците 10 дена пред да заврши месецот, ги земаат предвид највисоките цени на прехранбените производи и пресметуваат и трошоци за кирија. Според пописот од 2021 година, 90 отсто од населението живее во сопствен дом“ – нагласи Дурмиши.
Во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата, тој повтори дека Владата ќе го поддржи секое решение што ќе го договорат работодавачите и синдикатите.


