КОЈ ЌЕ БИДЕ НАСЛЕДНИК – Доколку Иран се повлече од Светското првенство во САД
ФИФА ја следи ситуацијата и работи на безбедноста на турнирот.

Иран „многу веројатно ќе се повлече од Светското првенство“, јавуваат иранските медиуми, вклучувајќи го и „Техеран тајмс“, како и бројни меѓународни портали.
Иранската репрезентација се квалификуваше за турнирот што ќе се одржи во Соединетите Американски Држави, каде што ќе игра во групата Г со Белгија, Нов Зеланд и Египет. Сепак, поради тековната војна со Америка, е малку веројатно дека тимот ќе учествува на натпреварите во Лос Анџелес и Сиетл. Одлуката сè уште не е конечна и ќе се знае повеќе во наредните денови. Иако до почетокот на Светското првенство има уште неколку месеци, потенцијалното повлекување на Иран може да има влијание врз плејофот што ќе се одигра наскоро.
„Ги прочитавме вестите за Иран како и сите други. Имавме состанок и сè уште е рано да се коментираат деталите, но ќе ја следиме ситуацијата и ќе се фокусираме на безбедно и сигурно Светско првенство за сите учесници. Ќе продолжиме да комуницираме со владите на трите земји што го организираат турнирот за секој случај. Безбедноста на сите е приоритет“, изјави Мартин Графстром од ФИФА.
Доколку Иран се повлече, Белгија, Нов Зеланд и Египет ќе добијат нов ривал. Според извори блиски до ФИФА, најверојатно тој ќе биде Ирак, кој би играл финале од плејофот против победникот од дуелот Боливија-Суринам. Во таков случај, победникот од дуелот Боливија-Суринам би добил директен билет за Светското првенство.


