УСВОЕНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МЕДИУМИ Интернет порталите од денеска стануваат медиуми
Наместо предложеното минимум тројца вработени, новото законско решение предвидува обврска за најмалку две лица вработени со полно работно време

Со 69 гласа „за“, македонското Собрание денеска ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за медиуми, со кои за првпат формално се вклучуваат интернет-порталите како дел од медиумскиот систем.
Новите одредби предвидуваат поблаги услови за регистрација на овие медиуми во официјалниот Регистар што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Првичниот предлог предизвика реакции во медиумската заедница, особено меѓу локалните и специјализираните портали, поради строгите критериуми за бројот на вработени.
Наместо предложеното минимум тројца вработени, новото законско решение предвидува обврска за најмалку две лица вработени со полно работно време.
Дополнително, за порталите со ограничен или специјализиран опфат – вклучително и локалните медиуми – условот е намален: едно лице со полно работно време и едно лице ангажирано преку договор на дело.
Измените добија поддршка и од пратениците од немнозинските заедници, кои гласаа во рамки на т.н. Бадентерово мнозинство, при што 15 пратеници дадоа зелено светло, а само еден беше против.
Со новите измени се дефинира и кој може да биде издавач на интернет-медиум – тоа може да биде правно или физичко лице кое објавува информативни или едукативни содржини, без разлика дали работи на комерцијална или непрофитна основа.
Регистарот ќе биде електронски и ќе содржи информации за: правниот субјект и неговата адреса, името на одговорното лице, интернет-адресата на медиумот и податоци за регистрацијата на .мк или .мкд домен.
Иако регистрацијата не носи моментални финансиски или други поволности, се очекува тие да бидат воведени со идни измени на Изборниот законик, каде што се предвидува само регистрираните портали да имаат право на платено политичко рекламирање. Исто така, се разгледува можноста за државни субвенции по примерот на други медиуми.
Останува да се следи како овие законски измени ќе влијаат врз медиумскиот плурализам и опстанокот на малите, независни медиуми во земјава.

