ПРЕМИЕРОТ ПОЈАСНУВА – Зошто безбедносните проценки за Груби не се јавни

Судот ја прифати мерката за куќен притвор, бидејќи не може да изрече построга од онаа предложена од ОЈО.

ПРЕМИЕРОТ ПОЈАСНУВА – Зошто безбедносните проценки за Груби не се јавни
Фото: Национал

Во телевизиско интервју, премиерот Мицкоски ги отфрла шпекулациите дека враќањето на Груби, како и неговото бегство преку граничниот премин „Блаце“, во кое учествуваа и полицајци, било резултат на некаков договор меѓу власта и поранешниот премиер. Испраќањето на довчерашниот бегалец во куќен притвор, наместо во затворот „Шутка“, дополнително ги засили сомнежите во јавноста.

Претставниците на власта веќе неколку дена истакнуваат дека Обвинителството и Судот сами одлучиле за ублажувањето на мерката, без никакво влијание од власта.

Премиерот изјави дека добил објаснување од МВР и АНБ за процената дека безбедноста на Груби во „Шутка“ била загрозена, но дека не може да го обелодени тоа поради класифицирани и строго доверливи информации.

Груби се врати во Македонија во понеделникот, по 14 месеци бегство од истрагата во која е осомничен за проневера од осум милиони евра во Државната лотарија. Јавното обвинителство предложи укинување на ефективниот притвор и замена со куќен притвор, а судија од Кривичниот суд ја прифати мерката, бидејќи судот не може да изрече построга казна од онаа предложена од ОЈО.

Претходно, Јавното обвинителство се правдаше дека побарало куќен притвор по добивање службени белешки од МВР и АНБ кои укажувале на сериозна закана за безбедноста на Груби во затворот. На тоа реагираше директорот на истражниот затвор „Скопје“, Бобан Утковски, истакнувајќи дека ниту МВР ниту АНБ не направиле проценка на терен и дека во „Шутка“ може да се гарантира безбедноста на секој притвореник, вклучително и на Груби.

Меѓутоа, премиерот истакнува дека директорот Утковски нема пристап до доверливите информации што МВР и АНБ.

CATEGORIES
TAGS
Share This