АХВ РЕАГИРА ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КРИВА ПАЛАНКА – Сами не можеме, дојди заедно да ги собереме кравите

Агенцијата за храна и ветеринарство го демантира Митовски: Општината има обврска за говедата што лутаат низ Крива Паланка

АХВ РЕАГИРА ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КРИВА ПАЛАНКА – Сами не можеме, дојди заедно да ги собереме кравите
Национал

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро реагира на изјавата на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, дека локалната самоуправа нема законска надлежност во справувањето со проблемот со говедата кои слободно се движат низ градот и нанесуваат штети на земјоделските површини и во околните села.

Од АХВ нагласуваат дека ваквиот став е неодговорен кон граѓаните и жителите на руралните средини, бидејќи, согласно Законот за јавна чистота, член 14 став 1 точка 11, токму општината е надлежна за контрола на одржувањето на јавните површини, вклучително и за чување и напасување на крупен добиток на јавни места.

„Доколку постоеше волја, проблемот можеше да биде решен уште порано, самостојно или со поддршка од поранешни функционери – сограѓани на Митовски, кои беа дел од претходната Влада“, велат од АХВ.

Од Агенцијата посочуваат дека бројот на говедата не е значително зголемен во последната година и половина, ниту пак тие можат веднаш да се соберат, особено во услови кога нема соработка од страна на општината, која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот.

Во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, АХВ го повикува градоначалникот да го почитува законот и да воспостави соработка со Агенцијата со цел трајно и ефикасно решавање на проблемот.

Од АХВ додаваат дека и во наредниот период ќе продолжат со активностите за собирање на животните, со цел заштита на безбедноста и имотот на жителите на Општина Крива Паланка.

CATEGORIES
Share This