СЛОБОДАН ТРЕНДАФИЛОВ – Една година ме следат и прислушкуваат
Обезбедени се видеодокази кои треба да доведат до разрешница.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов вели дека веќе подолг период е цел на следење и притисоци поради својата борба за повисоки работнички плати. Иако случајот е во надлежност на МВР и Обвинителството, Трендафилов истакна дека се обезбедени видеодокази кои наскоро треба да доведат до разрешница.
„Ова не е случај од еден ден, туку трае повеќе од една година. Кога излегувате на кафе и постојано до вас се присутни истите лица кои ве прислушуваат, тешко е да се верува дека е случајност. Скандалозно е што се злоупотребуваат државни ресурси за да се замолчат синдикални лидери кои бараат достоинствен живот за работниците“, нагласи Трендафилов.
Тој додаде дека нападите не биле само лични и се вршеле упади во синдикатите и се упатувале директни закани кон неговото семејство и децата. Минатата година, според него, власта се обидела на сила да создаде „послушен“ репрезентативен синдикат, наградувајќи некои лидери со функции во управни одбори затоа што одбиле да учествуваат на протести со работниците.
„Пробаа да нè нападнат како колектив и да нè заплашат преку нашите најмили, но тоа нема да нè обесхрабри. Јас не барам зголемување на мојата плата, туку барам секој работник да го добие она што го заслужил за своето семејство. Сите обиди да нè скршат се безуспешни“, порача Трендафилов.
Тој заклучи дека борбата за работничките права ќе продолжи со уште поголем интензитет, без оглед на методите што се користат за негова дискредитација и замолчување.


