EPiC – ЕЛВИС КАКО НИКОГАШ ДОСЕГА – Откриени 59 часа невидени снимки
Режисерот Баз Лурман користи целосно реставрирани снимки од 1970-тите за да го оживее Елвис

Во новиот филмски проект „EPiC – Елвис Присли на концерт“, публиката ќе има можност да го види „Кралот на рокенролот“ на начин како никогаш досега. Режисерот Баз Лурман носи визионерски пристап, каде Елвис не само што пее, туку ја раскажува и својата приказна, сè базирано на неодамна откриени и целосно реставрирани снимки од неговите легендарни настапи, објавува Index.hr.
„Додека работевме на филмот Елвис од 2022 година, дознавме за гласини околу претходно невидени снимки од култните концерти од 1970-тите – Elvis: That’s the Way It Is и Elvis on Tour. Мојата прва мисла беше дека ако ги најдеме, можеме да го реставрираме овој неискористен материјал и да го интегрираме во нашиот филм со Остин Батлер“, изјавил Лурман.
Истражувачите навистина влегоа во филмските трезори на „Ворнер Брос“, сместени длабоко во подземните рудници за сол во Канзас, и со изненадување открија 69 кутии кои содржеа 59 часа досега невидени филмски негативи.
Покрај тоа, како што истакнува Анџи Маркизи, потпретседател на архивите и куратор во Грејсленд, успеала да најде и претходно невидени Супер 8 снимки од архивите на Грејсленд.
„Потребни беа повеќе од две години за да се врати материјалот во квалитет кој никогаш порано не бил виден. Иако дел од негативите биле користени во претходни продукции, откривме богатство од никогаш невидени снимки, секвенци и изведби“, додава Маркизи.


