ААВМУ ВО УЛОГА НА УЈП- Зошто директорот на ААВМУ е опседнат со чесно заработените пари на инфлуенсерите, за кои веќе е платен данок
Нашиот став е јасен: не бегаме од транспарентност, не бегаме од одговорност и не бегаме од регулација.

Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини остро реагира на изјавата на директорот на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), дадена за Слободен печат, во која се имплицира дека инфлуенсерите избегнуваат регистрација „за да не се види од каде им се парите“.
Оваа квалификација е неоснована, навредлива и опасна.
Инфлуенсерите во Македонија не заработуваат „црни пари“, ниту работат без договори и „на жими мајка“. Секоја соработка – без разлика дали станува збор за голем бренд преку маркетинг агенција или директна соработка со компанија – се реализира со договор. Исплатите се вршат преку трансакциски сметки и се предмет на персонален данок согласно важечките законски прописи.
Да се сугерира дека инфлуенсерите прикриваат приходи или избегнуваат даночни обврски значи директно да се етикетира цела индустрија како сомнителна. Тоа не е регулаторен пристап – тоа е јавно дискредитирање.
Особено загрижува фактот што првичниот наратив на ААВМУ беше заштита на потрошувачите, за денес фокусот да се префрли кон имплицитни даночни сомнежи. АВМУ не е даночен орган, ниту има надлежност да ја презема улогата на Управата за јавни приходи. Обидот преку медиумски изјави да се создаде впечаток дека инфлуенсерите функционираат во „сива зона“ го толкуваме како сеење страв и индиректна закана за присилна регистрација во регистар за кој во моментов не постои јасна и неспорна правна основа.
Дополнително, до нас стигнуваат информации дека од страна на АВМУ се пласира теза кон компаниите и брендовите дека можат да соработуваат со инфлуенсери „само ако се регистрирани“. Ова не е точно и нема законска поткрепа. Ваквите пораки создаваат конфузија на пазарот и директно штетат на деловната репутација на креаторите на содржини.
Нашиот став е јасен: не бегаме од транспарентност, не бегаме од одговорност и не бегаме од регулација. Но регулацијата мора да биде законита, пропорционална и усогласена со европските практики – а не резултат на еднострани толкувања и медиумски притисок.
Нашата понуда за дијалог останува отворена. Подготвени сме за конструктивен разговор и изнаоѓање заедничко решение. Но деградирачки квалификации и јавно импутирање криминал – ги демантираме во целост и без резерва.


