КОНТРОВЕРЗНИОТ АВТОПАТ КИЧЕВО СТРУГА – Собранието изгласа осми Анекс и дополнителни 186 милиони евра

Изградбата започна во 2014 година, првично требаше да заврши во 2018 година, а вредноста на договорот значително се зголеми.

КОНТРОВЕРЗНИОТ АВТОПАТ КИЧЕВО СТРУГА – Собранието изгласа осми Анекс и дополнителни 186 милиони евра
Фото: Национал

По повеќе од една деценија изградба, автопатот Кичево-Охрид добива нов рок за завршување и дополнителна финансиска рамка. Со 63 гласа „за“, Собранието го изгласа продолжувањето на договорот меѓу ЈП за државни патишта и кинеската компанија „Синохидро“ (Анекс бр. 8), што овозможува дополнителни 186 милиони евра и нов рок до 31 мај 2027 година.

Со анексот, рокот за изведба се продолжува за 151 ден, односно од 4.627 на 4.778 дена, а дополнително се обезбедува време за добивање употребна дозвола. Причината за пролонгирањето се непредвидени работи: стабилизација на свлечишта, изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна ограда според европски стандарди, изградба на паралелни пристапни патишта и контролен центар за тунелите.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека со овој анекс „конечно ќе се заврши автопатот“. Тој објасни дека дел од проблемите се резултат на тоа што првичниот проект од 2013-2014 година не вклучувал соодветни геотехнички истражувања, што довело до појава на дополнителни свлечишта и потреба од нови технички решенија.

Надзорот, Градежниот институт Македонија, оцени дека новиот рок до мај 2027 година е технички оправдан и реален, но под услов изведувачот да обезбеди добра организација и инвеститорот навремено финансирање. Продолжувањето е во согласност со правилата на FIDIC Red Book, кои дозволуваат пролонгирање при значителни промени на обемот на работите.

Проектот започна во мај 2014 година и првично требаше да заврши до јануари 2018 година, со вредност од 411 милиони евра за 56,7 километри автопат. Со претходните анекси, вредноста беше зголемена за околу 187 милиони евра, а рокот пролонгиран до крајот на 2023 година. Новите 186 милиони евра дополнително ја зголемуваат финансиската конструкција.

Според ЈП за државни патишта, заклучно со крајот на 2022 година, инвестирани се 557,9 милиони евра, односно 93,3% од предвидената вредност, а до ноември 2023 година инвестициите достигнаа приближно 575 милиони евра. Дел од трасата веќе е пуштен во употреба и во јули 2022 беа отворени 20 километри од Врбјани до Ботун, а во септември уште 17 километри од Климештани до Охрид.

Ревизијата на Државниот завод за ревизија покажа дека во периодот 2018-2021 година имало пет измени на основниот договор, со кои рокот бил пролонгиран, а вредноста зголемена за 45%. Извршени се 42 варијации поради измени во проектната документација, што произлегле од недоследности во основниот проект и од потребата за прилагодување на реалните геолошки услови.

Изградбата е финансирана главно со заем од кинеска банка од вкупно 685 милиони долари,  505 милиони долари основен заем од 2014 година и дополнителни 180 милиони долари од 2019 година, со државна гаранција. Со Анекс 8, изведувачот се обврзува да се откаже од сегашни и идни барања за надомест до 31 декември 2026 година, што според Владата треба да донесе поголема финансиска извесност.

Автопатот Кичево-Охрид, долг 57 километри, останува еден од најголемите и најконтроверзни инфраструктурни проекти во земјата. По единаесет години изградба, прашањето повеќе не е само кога ќе биде завршен, туку дали новиот рок до мај 2027 година конечно ќе значи негово дефинитивно завршување.

CATEGORIES
Share This