МАКЕДОНСКАТА ГРАМАТИКА ОД КРУМЕ КЕПЕСКИ – 80 години од издавањето

Свечен час на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

МАКЕДОНСКАТА ГРАМАТИКА ОД КРУМЕ КЕПЕСКИ – 80 години од издавањето
Фото: Принтскрин

Осумдесет години од издавањето на „Македонската граматика“ од Круме Кепески беа одбележани денеска со свечен час на Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Деканот, проф. д-р Владимир Мартиновски, појасни дека настанот е дел од чествувањето на 80-годишниот јубилеј на Филолошкиот факултет.

„Првата „Македонска граматика“ на Кепески е клучно учебно помагало од кое генерации студенти ги стекнувале основите на македонската граматика. Ова дело претставува еден од темелите на македонистиката и филологијата, поврзани со наставата, едукацијата и развојот на науката за македонскиот јазик“ – истакна Мартиновски.

Раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Искра Пановска-Димкова, нагласи дека „Македонската граматика“ е столб на современиот македонски литературен јазик и значаен историски документ во културната и националната самобитност на народот.

„Излегувањето на граматиката во 1946 година не беше само научен чин, туку и акт на јазично и културно раѓање. По ослободувањето, кога се градеа државноста, образованието и јавниот живот, потребата од кодифицирана граматичка норма беше суштинска. Кепески ја препозна таа потреба и со визија и одговорност го создаде ова пионерско дело. Тој ја синтетизираше македонската граматичка структура врз основа на претходните истражувања на централните дијалекти, прилепскиот говор и историската свест за развојот на јазикот“ – рече Пановска-Димкова.

Таа додаде дека граматиката на Кепески се појавила во време кога печатени текстови на македонски јазик беа ретки, што ја прави пример за научна истрајност, творечка храброст и посветеност кон културната заедница. Веднаш била препознаена како фундаментален труд, прво кај домашната јавност, а потоа и кај меѓународните слависти, како доказ за посебноста и зрелоста на македонскиот јазик.

„Денес, осум децении подоцна, се навраќаме не само на една книга, туку на научната реалност што таа ја претставува: македонскиот јазик има свој граматички систем, сопствена структура и културно наследство. Нашата задача е да ја чуваме научната традиција, да го развиваме јазикот и да го заштитуваме неговиот идентитет, бидејќи јазикот е живо културно наследство“ – истакна Пановска-Димкова.

Проф. д-р Димитар Пандев подвлече дека граматиката на Кепески се појавува спротивно на описните граматики на времето и го означува самостојното постоење на македонскиот јазик.

Проф. д-р Јованка Кепеска нагласи дека „Македонската граматика“ е историско првенче со значајни национални и културни придобивки.

„Секој народ има тенденција да создаде граматика и да ги изучи законитостите на својот јазик“ – рече Кепеска.

CATEGORIES
Share This