Четири години војна – Зошти Киев не падна, туку падна стратегијата на Путин
Пресвртот пред Киев и моментот кога руската армија беше принудена на повлекување а војната доби поинаков тек.

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
Вторник, 24 февруари 2026 година
На 24 февруари 2022 Русија ја нападна Украина од три правци – од територијата на Русија, од Крим и од Белорусија. За релативно кратко време, руските сили стигнаа до аеродромот „Хостомел“, во предградието на украинскиот главен град Киев, а во одредени моменти и до самите приоди кон градот.
Во тој период доминираше проценката дека Киев ќе падне за неколку дена, или, во најлош случај, за најмногу две недели според прогнозата на рускиот претседател Путин, поточно, на претседателовите советници што суштински ги обликуваат претседателските одлуки, и во воени и во мирнодопски услови.
Сепак, набргу следеше неочекуван пресврт. Не само што Киев не беше освоен, туку руската војска беше принудена на повлекување од северниот дел на Украина, по што фронтот се стабилизираше приближно на денешните позиции во четирите источни области, пред сè во Доњецк и Луганск. Според мене, тврдењето дека на Русија ѝ одговара одолговлекување на војната не издржува сериозна анализа.
Воведот ми е неопходен за да се осврнам на неколкуте причини за досегашниот руски неуспех во оваа војна:
Прво, генерално гледано, до војната во Украина постоеше силен мит за непобедливоста на руската војска, втемелен во глобалната перцепција за историската победа на Црвената армија над нацистичка Германија во Втората светска војна. Но токму војната со Украина почна сериозно да го руши тој мит. Како илустрација, денес и малите балтички држави, кои со децении покажуваа страв и воздржаност, се охрабрија и сè почесто заземаат остар и самоуверен заканувачки став кон Москва.
Второ, Путин направи сериозна стратегиска грешка со јавното негирање на постоењето на украинскиот народ, нарекувајќи го „вештачка творба“. Таквите изјави се контрапродуктивни во услови кога кај огромен дел од населението веќе постои јасно изразена украинска национална свест. Дополнително, дури и во четирите области што Русија ги прогласи за „руски“, значителен дел од населението на последниот попис се изјаснило како Украинци. Вакви разговори можат да постојат во приватни/затворени кругови, но нивното јавно пласирање беше сериозна политичка и безбедносна грешка, дотолку повеќе, таквите изјави не деморализираат, туку мобилизираат и наместо распад, следеше консолидација на украинското општество.
Трето, Русија се одлучи за погрешен тактички приод. Во вакви услови логичен избор би била т.н. блиц-криг стратегија што подразбира брза, изненадувачка и одлучна акција. Оваа тактика првпат ја примени Адолф Хитлер во Втората светска војна, кога Франција беше во еден миг поразена, со изненадувачки пробив преку густиот шумски појас на Ардените каде е тешко движење на животни а не пак на милионската германска армија која триумфално влезе во Париз. На сличен начин, со блиц-криг напад Хитлер ги прегази за неколку дена и Холандија, Белгија и Луксембург.
Четврто, Русија формално ја нарече инвазијата на Украина „специјална воена операција“, термин што подразбира кратка и молњевита акција, но, реалноста е поинаква. Веќе четврта година конфликтот трае без јасен крај. Дополнително зачудува податокот дека војната започнала со околу 100.000 руски војници, бројка недоволна за руско-украинскиот фронт кој се протега во должина од фантастични 1.300 километри.
Петто, многу е веројатнио дека рускиот државен и воен врв добил сериозно погрешна разузнавачка проценка пред започнување на војната. Да појаснам за неупатените, вообичаено, војна започнува дури откако разузнавачките служби ќе проценат дека „теренот е подготвен“, по долготрајно собирање и анализа на информации. Во случајот на Русија, таа проценка очигледно била погрешна и не велам намерно, туку како резултат на погрешни информации. Во краен случај и разузавачаите се живи луѓе кои собираат оперативни податоци на терен кои не секогаш значи дека и ќе се потврдат. И најверојатно, проценката била дека Киев ќе падне, дека меѓу населението владее проруска еуфорија и дека руските сили ќе бидат пречекани како ослободители со сол и леб. Но тоа не се случи.
Колку за илустрација, погрешка советска разузнавачка проценка од теренот во Југославија (вриело од советки разузнавачи) добил и Сталин во судирот со Тито во 1948 година. По Резолуцијата на Информбирото, според разузнавчките информации, во Москва постоело уверување дека Тито ќе падне одвнатре, бидејќи голем дел од народот и безбедносните структури ќе застанале на страната на СССР. Наместо тоа, безбедносниот апарат – војската и полицијата и голем дел од населението застанаа зад Тито, кој успешно се справи со информбировците, меѓу другото и преку логорот Голи Оток, создаден исклучиво за внатрешни политички противници по информбировска линија. (за овој логот погрешна е перцепцијата дека е затвор за националисти, тој бил исклучиво за т.н. внатрешни непријатели по информбировска линија и многу набргу (1955) кога ќе помине опасноста од СССР ќе биде претворен во редовен затвор за затвореници сторители на класични кривични дела).
Шесто, на сличен начин, и Путин очигледно добивал извештаи дека Русите и Украинците се „еден народ“ и дека украинското општество ќе се распадне при првиот удар. Реалноста, сепак, покажа спротивното и огромен дел од украинскиот народ застана во одбрана на својата држава, дополнително со погрешната руска проценка за улогата на западните земји и нивното екстремно мешање и истурање на оружје во Украина.
Седмо, оваа војна донесе и една нова воена реалност со масовната употреба на дронови. Евтини, ефикасни и лесни за производство, тие станаа клучно тактичко, а сè повеќе и стратешко оружје. По искуствата од Украина, дроновите почнаа интензивно да ги развиваат и произведуваат сите – Русија, Украина, западните земји, Иран, Северна Кореја и САД.
Осмо, не помалку битно во контекст на погрешните руски разунавачки проценки. Во 2014 во Украина има проруски претседател (Виктор Јанукович) а руските шпионски служби немале квалитетна разузнавка информација за спремањето на државен удар што и се случи преку т.н. шарена револуција кога беше соборен Јанукович. Имаа проруски претседател, а сега Русите интересот го остваруваат преку екстремно потешкиот пат – со војна или народски од готово – вересија.
За крај, во текстот само и единствено правам една анализа и сопствено видување на руско-украинската војна бзирана на солидна фактографија и ослободена од навивачки или било каков друг субјективистички приод. Се разбира, секој има свое мислење, но, никоја нема право на свои факти.


