СИЛНО ПАРТНЕРСТВО – Македонија и Германија во заедничка борба против трговијата со луѓе

Донацијата вклучува возила, термовизори и специјализирана опрема за гранична контрола.

СИЛНО ПАРТНЕРСТВО – Македонија и Германија во заедничка борба против трговијата со луѓе
Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денес присуствуваше на церемонијата за примопредавање на донација од Сојузна Република Германија, која се одржа во кругот на Министерството за внатрешни работи. На настанот присуствуваа и амбасадорката на Германија во Македонија, Н.Е. Петра Дрекслер, како и претставници од Канцеларијата за врски на Сојузната полиција на Германија.

Донацијата, чија вкупна вредност изнесува околу 600.000 евра, вклучува моторни возила, термовизиски камери, компјутерска опрема и софтвери, специјализирани уреди за проверка на документи, како и специјални возила за воздухопловната единица. Опремата е наменета за зајакнување на капацитетите на Министерството во областа на граничното управување, борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, криминалистичко-разузнавачката анализа и форензичките испитувања.

Министерот Тошковски нагласи дека донацијата претставува симбол на довербата и силното партнерство меѓу двете земји:

„Оваа церемонија не е само формално примопредавање на опрема, туку јасна порака дека Германија стои рамо до рамо со Македонија во заедничката борба против организираниот криминал, во заштитата на нашите граници и во обезбедувањето на сигурноста на граѓаните. Поддршката што ја добиваме не се мери само во материјални средства, туку и во знаење, обуки и размена на искуства, што значи долгорочно зајакнување на капацитетите и професионализација на македонската полиција.“

Тошковски изрази благодарност до Сојузната полиција на Германија и до Амбасадата на Германија во Скопје за континуираната поддршка, потенцирајќи дека шесте реализирани обуки за македонските полициски службеници се доказ за стратешката и долгорочна соработка меѓу двете институции.

Министерот заклучи дека ваквата помош значително придонесува кон зајакнување на институционалните капацитети, унапредување на безбедноста и остварување на заедничката визија за сигурна, стабилна и европска Македонија.

CATEGORIES
Share This