СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА – Мајчиниот јазик е темел на идентитетот и чувар на културното наследство
Институтот „Крсте Мисирков“ - заштитник на стандардниот македонски јазик

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, традиционално организиран од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, таа нагласи дека мајчиниот јазик не е само средство за комуникација, туку и чувар на семејната и националната традиција, духовното богатство и културата на еден народ. Образованието на мајчин јазик, според претседателката, има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност е почитување на културната различност.
Гордана Сиљановска-Давкова потенцира дека јазикот е темел на идентитетот и чувар на колективната меморија, во која се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас. Таа нагласи дека овој ден не е само повод за одбележување на важен јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Претседателката потсети дека е заедничка обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик. Јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, претставува вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на различните јазици ја јакне културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан го собра на едно место академската заедница, државните институции, политичарите, љубителите на јазикот, како и ученици од основните и средните училишта. Посебна убавина на настанот му дадоа учениците кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.


