СТРУМИЦА ГО ОТВОРИ ОСУМДНЕВНИОТ КАРНЕВАЛ – Клучот од градот предаден на карневалџиите

Стојанова ветува позитивна енергија,Многу насмевки, среќа и музика за сите учесници.

СТРУМИЦА ГО ОТВОРИ ОСУМДНЕВНИОТ КАРНЕВАЛ – Клучот од градот предаден на карневалџиите
Фото: Национал

Со симболично предавање на клучот од градот, градоначалникот Петар Јанков вечерва го отвори осумдневниот карневал во Струмица. Клучот му беше предаден на претседателката на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Танкица Стојанова, што го означи почетокот на годинашното издание.

„Со предавањето на клучот на карневалџиите започнува карневалската недела во Струмица, и владеењето е во нивни раце се до завршувањето на Карневалот“, изјави Јанков.

Тој додаде дека деновиве граѓаните можат да очекуваат интересна програма поддржана од Општината и посака успешен и весел карневал за сите учесници.

Претседателката на Организацискиот одбор, Танкица Стојанова, ветува дека претстојните денови ќе бидат исполнети со ред и позитивна енергија.

„Во таа една недела ќе има многу насмевки, среќа, дружба и музика, а сите ќе бидат весели и разиграни“, рече Стојанова.

На јарболите пред Центарот за култура „Антон Панов“ беа кренати државното и карневалското знаме, како и знамето на FECC. Струмичките мажоретки традиционално ги најавија карневалските настани, меѓу кои најважниот е Главната карневалска вечер што ќе се одржи во сабота, на 21-ви овој месец.

Во Градската уметничка галерија беше отворена изложба на карневалски маски од Цветко Багашовски, кој годинава го одбележува 35-годишното учество на Карневалот.

Карневалските активности ќе продолжат утре со објавување на резултатите од литературниот конкурс на струмичката библиотека на тема карневал, како и со Карневалски мјузикл во НУЦК „Антон Панов“.

CATEGORIES
Share This