СУДСКИ СОВЕТ – Усвоени претставки на граѓани за доцнење на судски одлуки
Системски проблеми: недостиг на кадар и финансиски средства влијаат на правораздавањето

На денешното продолжение на 537-та седница, Судскиот совет разгледа повеќе претставки поднесени од граѓани и правни лица за работата на судии и судови. Исто така, беше формирана комисија за изготвување предлог-одлука за утврдување на ориентационата норма на предмети за сите судови, составена од членовите Антоанета Димовска, Садула Изаири и Павлина Црвенковска.
Советот ја усвои претставката што се однесува на повеќегодишното доцнење во донесувањето судска одлука на судија од Основниот суд во Охрид, иако расправата во предметот била завршена пред повеќе од две години. Усвоена беше и претставката на осигурителната компанија „МАКЕДОНИЈА осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп“ против Апелациониот суд во Битола, со која се укажуваше на неправилности во постапувањето на второстепениот суд и донесување на незаконита одлука поради непримена на одредби.
Останатите разгледани претставки беа оценети како неосновани. Дел од нив се однесуваа на наводна неправда во постапките за ослободување од заложно право, како и на незадоволство од навремено доставување на пресуди во кривични и граѓански предмети.
Под точка „разно“ на седницата беа разгледани и други прашања од тековното работење, меѓу кои приговор за распоредот на работа во Управниот суд за 2026 година, кој Советот го препрати до надлежната општа седница на Врховниот суд.
Советот го усвои и предлогот за престанок на правото на надоместок за одвоен живот на еден од своите членови, а истовремено беше констатирано исполнувањето на условите за пензионирање на судија од Основниот суд во Струмица.
На првиот дел од седницата, која се одржа вчера, Советот ги разгледа кварталните извештаи за ажурноста на судовите за четвртиот квартал од 2025 година и се осврна на системските проблеми во судството, вклучувајќи недостиг на кадар и финансиски средства, кои, како што беше оценето, влијаат на квалитетот на правораздавањето.


