БЕЗ ЧИП НЕМА РЕГИСТРАЦИЈА – Сопствениците должни да ги евидентираат милениците

Сопствениците се должни да ги ажурираат сите промени во податоците во надлежното ветеринарно друштво.

БЕЗ ЧИП НЕМА РЕГИСТРАЦИЈА – Сопствениците должни да ги евидентираат милениците
Фото: Национал

Агенција за храна и ветеринарство апелира до сите сопственици на кучиња да ја исполнат законската обврска за идентификација на своите миленици со микрочип и нивна регистрација во модулот за домашни миленици во информативниот систем на институцијата. По завршувањето на постапката, за животното се издава и официјален пасош.

Од Агенцијата појаснуваат дека микрочипирањето е еднократна интервенција, а чипот останува кај животното во текот на целиот негов живот.

Оваа постапка претставува основа за утврдување на сопственоста, овозможува поефикасна и навремена здравствена грижа и обезбедува поголема сигурност за сопствениците, особено во делот на контролата и превенцијата од заразни болести.

Сопствениците чии миленици веќе се микрочипирани се потсетуваат дека се должни да пријават секоја промена на податоците и без разлика дали се однесува на сопственикот или на животното, во надлежното ветеринарно друштво, кое потоа ги ажурира информациите во електронската база.

Во базата задолжително се внесуваат и податоци за угинување, губење или продажба на миленикот.

Според Агенцијата, микрочипирањето обезбедува трајна идентификација на животните, придонесува за спречување на нивно напуштање и неконтролирано размножување, како и овозможува полесно пронаоѓање во случај на губење или кражба.

CATEGORIES
Share This