ШЕВРОН ДОАЃА ВО ГРЦИЈА – Ќе обезбедуваме гас за Европа вели Мицотакис
Грција потпиша ексклузивни договори со „Шеврон“ и „Хеленик енерџи“ за истражување и експлоатација на јаглеводороди.

Во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, Грција потпиша договори со американската компанија Шеврон и грчката Хеленик енерџи за доделување ексклузивни права за истражување и експлоатација на јаглеводороди во морските подрачја јужно од Крит и јужно од Пелопонез, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис истакна дека четирите блока каде што ќе дејствуваат компаниите опфаќаат огромна површина. Според него, програмата за истражување досега покрива речиси 48.000 квадратни километри, а со новите договори површината ќе достигне 94.000 квадратни километри.
Премиерот посочи дека Грција ја разбира важноста на јаглеводородите во енергетскиот систем и затоа инвестира во гасоводи, компресорски станици, ЛНГ-терминали и електрани на природен гас. Тој додаде дека одлуката на ЕУ постепено да го прекине увозот на руски природен гас отвора нови можности за земјата.
„Сакаме да произведуваме гас. Европа има потреба од него, а ние сме подготвени да го обезбедиме. Особено ни е драго што ја пречекуваме „Шеврон“ во Грција. Вашето присуство е доказ за силниот стратешки однос меѓу Грција и САД, кој сè повеќе се зацврстува, рече Мицотакис.
Тој додаде дека резултатите од истражувањето се неизвесни и нема јасна слика додека не се започне процесот. Сепак, верува во мисијата и се радува што и „Шеврон“ и „Хеленик енерџи“, националниот енергетски шампион, се партнери во проектот.
На крајот на октомври минатата година, двете компании ја добија концесијата за истражување и експлоатација на јаглеводороди јужно од Пелопонез и Крит, по поднесувањето на заедничка понуда за тендерот објавен од Министерството за животна средина и енергетика на Грција.


