ЛЕТНА СЕЗОНА – Нови директни авионски линии кон Италија и Европа
ТАВ Македонија најавува зголемување на бројот на летови и модерни авиони

Летната сезона носи нови авиолинии од Скопје и Охрид кон Италија и други европски дестинации. Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, Скопскиот аеродром ќе воведе линии кон Будимпешта и Неапол, додека Охрид ќе добие нова линија до Милано.
Во мај, „Аустријан ерлајнс“ ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни „Виз ер“ ќе воведе две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.
„Со новите линии, патниците од Скопје од 15 јули ќе можат да летаат кон Палермо, а од 18 јули кон Алгеро на Сардинија, Италија, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
ТАВ Македонија информира дека летовите на „Виз ер“ кон Палермо ќе се реализираат три пати неделно – понеделник, среда и петок, со цени од 29,99 евра. Линијата Скопје – Алгеро ќе лета два пати неделно во вторник и сабота, со цени од 39,99 евра. Двете линии се сезонски и ќе оперираат до средината на септември.
„Со воведувањето на новите линии ја потврдуваме посветеноста на растот и иновациите, отворајќи можности за партнерства, културни размени и полесен пристап до европските пазари, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Новите рути кон Палермо и Алгеро нудат директна поврзаност со две атрактивни медитерански дестинации, познати по културното наследство, туристичката понуда и економското значење. Палермо ги привлекува посетителите со својата богата историја, палати, катедрали и пазари, додека Алгеро нуди мирни средновековни улици и прекрасни морски пејсажи.
Николоски најави и зголемување на бројот на летови на постојните линии и воведување на нов авион од најновата класа Airbus A321 Neo на Скопскиот аеродром.
„Овие линии ќе се реализираат без субвенции, што е знак за комерцијален интерес и квалитет на Скопскиот аеродром“, додаде Николоски.
Во првиот месец од годината, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид опслужија 289.584 патници на 2.009 летови, што претставува зголемување од 31% во патнички сообраќај и 10% во бројот на летови во споредба со јануари 2025 година.
Со актуелниот зимски ред на летање, Скопскиот аеродром има летови со 15 авиокомпании до 50 дестинации, додека Охрид опслужува три авиокомпании со летови до осум дестинации.


