НАФТЕНОТО ЕМБАРГО ЈА ТУРНА КУБА ВО ТЕШКА СОСТОЈБА – Немаат гориво ниту за авиони
Вашингтон и Хавана преговараат за хуманитарно решение додека Куба се соочува со последиците од ембаргото.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон и Хавана водат преговори додека Куба се соочува со сериозни последици од нафтеното ембарго воведено од Белата куќа, објави весникот „The Hill“.
„Куба е во тешка состојба и моментално нема ни гориво за авиони за да ги користи аеродромите “- рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“.
Тој додаде дека американскиот државен секретар Марко Рубио преговара со кубанските претставници и дека евентуалниот договор би бил „хуманитарно решение“.
Островската земја претходно се потпираше на испораките на нафта од Венецуела, кои беа прекинати по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Американската администрација ја ограничи трговијата со Куба, наведувајќи ги нејзините врски со Иран, Русија и Кина, и се закани со санкции против секоја земја што би ја снабдувала Куба со нафта.
Минатата недела, Мексико испрати два брода со 800 тони хуманитарна помош и најави дополнителни испораки.
Трамп истакна дека сака да ја зајакне позицијата на кубанско-американската заедница и додаде дека, и покрај ембаргото, дијалогот со Хавана продолжува.


