СОВЕТОТ ЗА ЕТИКА ВО МЕДИУМИ СО РЕКОРДЕН БРОЈ ЖАЛБИ – 244 пријави за неетичко известување
Интернет порталите во фокусот и најголем дел од прекршувањата се однесуваат на онлајн содржини.

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на минатата година примила рекордни 244 жалби за неетичко медиумско известување, соопштија денеска од Советот. Од вкупниот број, 145 жалби биле оценети како неосновани за понатамошно постапување, додека Комисијата разгледала и донела одлуки за 96 случаи.
Најчестите прекршувања се однесувале на членовите еден, три и десет од Кодексот на новинарите. Најголем дел од жалбите биле насочени кон содржини објавени на интернет портали, вкупно 78. За печатените медиуми и нивните веб-изданија биле поднесени 11 жалби, шест се однесувале на веб-страниците на телевизиите, а една жалба на содржина емитувана на телевизија.
Од 96-те разгледани жалби, во 58 случаи било утврдено прекршување на Кодексот на новинарите, во 32 случаи не било констатирано прекршување, додека шест жалби биле решени преку медијација. Најчести подносители на жалби во 2025 година биле политичари, носители на јавни функции и институции со вкупно 36 жалби, по што следуваат граѓаните со 25, организациите и здруженијата од граѓанскиот сектор со 22, а медиумите, новинарите и политичките партии со по шест жалби.
Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Леунора Калиќи, истакна дека бројките не се само статистика, туку показател за довербата што јавноста ја има во Советот како механизам за заштита на професионалното и етичкото новинарство. Според неа, анализата на жалбите јасно укажува на областите во кои е неопходна дополнителна реакција и унапредување на медиумскиот простор, особено имајќи предвид дека најголемиот дел од информациите денес се објавуваат онлајн.
Извршната директорка на СЕММ, Билјана Георгиевска, посочи дека статистиките од година во година откриваат различни трендови. Таа потсети дека во 2024 година бил забележан голем број лажни жалби поднесени во име на институции, што укажувало на злоупотреба на механизмот за саморегулација. Во 2025 година, пак, значителен број жалби биле поврзани со трагедијата во Кочани, кога само еден ден по погребот на жртвите биле поднесени над 140 жалби. Според Георгиевска, станувало збор за необична и сомнителна појава што наликувала на оркестриран дигитален напад, бидејќи многу од жалбите доаѓале од еднократни електронски адреси, непостоечки телефонски броеви, а дел се однесувале и на странски медиуми.
Претседателката на Комисијата за жалби, Снежана Трпевска, оцени дека и покрај перцепцијата дека одлуките на Комисијата немаат големо влијание, практиката покажува дека за голем број медиуми е значајно јавното укажување на етичките пропусти. Таа нагласи дека доминацијата на жалби за интернет порталите се должи и на нивната поголема достапност, но и на фактот дека дел од традиционалните медиуми подобро ги познаваат и применуваат етичките стандарди.
Трпевска додаде дека дел од жалбите се однесувале и на новите форми на новинарство, како што се подкастите, кои стануваат сè повлијателни во јавниот простор, но често се соочуваат со недоволно познавање на професионалните и етичките правила. Комисијата, како што посочи, донела и одлуки со кои јасно се нагласува дека содржина создадена со помош на вештачка интелигенција не смее да се објавува без новинарска проверка и уредничка контрола.


